Јокиќ им одржа мастерклас на Клиперси со 55 поени

Кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс добија бесплатен час по кошарка од Никола Јокиќ, кој нема како да го задржат во НБА.

Денвер Нагетс го доби тешкото гостување против Клиперси со 130:116, благодарение на Јокиќ кој постигна повеќе поени од цела противничка петорка.

Мечот го заврши со неверојатни 55 поени, а имаше и 12 скока, 6 асистенции, една украдена топка и една блокада. Само во прва четвртина реализираше 25 поени.

Инаку статистиката извади еден податок, дека тој е само четврти во НБА историјата кој постигнал 55 поени со 78% успешност.

Постигна 18/23 од поле, 5/6 за три поени и играше 34 минути.

Покрај Јокиќ, вреди да се спомене и Арон Гордон кој имаше 18 поени, додека Џамал ​​Мареј додаде 15. 

Кај домаќините Џејмс Харден постигна 23 поени, а Џордан Милер го следеше со 22. Зубац имаше 18 со 9 скока, додека Богдановиќ постигна 11 и подели 6 асистенции. 

 

13 ноември 2025 - 08:12