Нека го врзе некој Грин дур не направил беља

Во дербито на вечерта во НБА, Феникс Санс со 119:116 го победија Голден Стејт Вориорс. Девин Букер, лидерот на „сонцата“ беше најефикасен со 32 поени и тој го реши мечот со погодени слободни фрлања на десетина секунди пред крајот. Покрај него ефикасни беа уште и Јусуф Нуркиќ со 17 поени, 13 скока и 7 асистенции а по 16 додадоа Бредли Бил и Џордан Гудвин.

Овој меч го одбележа силеџијата Драјмонд Грин кој по којзнае кој пат намерно и силно удира противнички играч. Беше исклучен во трета четвртина откако со сета сила го удри Јусуф Нуркиќ и го патосираше на земја.

„Не знам што се случува со него. Лично, на тој брат му е потребна помош. Мило ми е што не се обиде да ме задави, но во исто време, јас едноставно сум таму и се обидувам да играм кошарка“, рекол револтираниот Нуркиќ после мечот а Грин кого го очекува нова казна дал чудна изјава: „Како што знаете јас не се извинувам за работи кои не сум имал намера да ги направам, но му се извинувам на Јусуф зошто немав намера да го удрам“.

Грин пред помалку од еден месец беше суспендиран на пет меча поради тоа што за врат го фати и го давеше високиот Руди Гобер.

 

13 декември 2023 - 09:59