И покрај тоа што е капитен, НБА ѕвезда, најдобар играч на селекцијата, Босанците синоќа го исвиркаа Мирза Телетовиќ и застанаа на страната на младиот Џанан Муса. Целиот инцидент започна така што Русинот Сергеј Карасјов во еден дуел го удри Муса, овој бурно реагираше и се обиде да се пресмета со Карасјов. Брзо се вмеша и Телетовиќ кој сакаше да ја смири ситуацијата, но само го потпали младиот Муса кој почна да го навредува капитенот.
Телетовиќ постигна 23 поени и беше најдобар поединец на мечот (иако имаше 21 шут од кои 16 за три поени).
Јавноста во БиХ е поделена по овој инцидент, едни се на страната на легендарниот Телетовиќ за кого велат дека и покрај тоа што има 30 милиони долари вреден договор со Милвоки Бакс, никогаш не одбил да игра за репрезентацијата, секогаш доаѓа на сите собири и притоа го платил патот и сместувањето за селекцијата на БиХ до 16 години на ЕП минатата година и СП оваа година затоа што сојузот немал доволно средства. Во таа селекција играл и младиот Муса, кој кошаркарски потекнува од Тузла, градот кој синоќа го поддржа и реши да го исвирка големиот Телетовиќ.
Во клучниот меч одигран синоќа на Мејдан, во Туза, Тимофеј Мозгов со 17 поени ги предводеше Русите до победа која ги одведе на Европското првенство следната година. Блиску до пласман на ЕП се уште и Белгија, Германија, Полска, Словенија, Црна Гора, Унгарија кои се лидери во своите групи. За едно од четирите втори места се борат Украина, Исланд, Македонија, Велика Британија и Естонија.