Луд триумф на Њујорк Никс во последна секунда во големото финале!

Кошаркарите на Њујорк Никс направија историско чудо во НБА лигата откако во 4. натпревар од серијата во големото финале направија неверојатен пресврт! Сан Антонио Спарс водеше со страшни 29 поени разлика во третиот период на гостински терен пред преполни трибини. На крај Вембанјама и другарите беа шокирани.

Во историјата на НБА лигата никој никогаш не се вратил по заостаток од 29 поени во третиот период. Сан Антонио Спарс предводен од Виктор Вембанјама играше одлична кошарка и во еден момент водеше со огромна предност па сите мислеа дека гостите од Тексас ќе однесат уште една победа од Њујорк, ќе израмнат на 2-2 и титулата ќе се решаваше на нивен терен.

Но така не мислеше и домаќинот. Носени од преполна сала, од поддршка каква што имаат само Њујорк Никс, кошаркарите на тимот од „Големото јаболко“ ја стопија предноста и заслужено победија.

Јунак на триумфот беше Оу-Џи Ануноби со кош на 1,2 секунди пред крајот од одбојка. Ануноби полета чудесно, се испружи колку што е висок кон обрачот и од одбиена топка по шутот на Џејлен Брансон за три поени успеа од одбојка да ја смести топката во кош за победа 107:106!

„Ова мора да биде најлегендарен шут во историјата на њујоршката кошарка“, рекол после дуелот тренерот на Њујорк Никс Мајк Браун.

Најефикасен кај победникот беше Брансон со 36 поени а јунакот Оу-Џи Ануноби уфрли 33 поени. Кај Сан Антонио Спарс Виктор Вембанјама го заврши натпреварот со 24 поени и 13 скока но погоди само 9/25 од игра. Покрај него ефикасни беа уште и Дилан Харпер со 21 поен, а ДиАрон Фокс и Девин Васел уфрлија по 18 поени.

Сега Њујорк Никс е на чекор од шампионска титула, прва од далечната 1999-та година. Никс во својата 80-годишна историја имаат само две шампионски титули, а сега ќе имаат дури три меч-топки за шампионско славје.

Првата ќе им биде во 5. натпревар кој во сабота вечер се игра во Сан Антонио. Ако таму не успеат, потоа следниот вторник повторно пред своите навивачи ќе се обидат да стигнат до толку посакуваниот шампионски пехар.

Од 1997-ма година од кога НБА лигата води детална статистика, ниту една екипа не успеала да надомести повеќе од 24 поени во натпревар од финална серија. Тој рекорд го држеше Бостон Селтикс од финалето во 2008-ма против Лејкерс кога направија луд пресврт.

А сега Сан Антонио Спарс водеа 81:52 на средина од третата четвртина!

Единствен поголем пресврт во историјата на доигрувањето за титула во НБА лигата во 2019-та го има Лос Анџелес Клиперс кој надомести -31 против Голден Стејт Вориорс и победи.

Спарси во првиот дел погодија неверојатни 16 тројки од 17 обиди а во вториот дел имаа очаен шут со 3/17 за три поени.

 

11 јуни 2026 - 10:07