Ремек делото на Нено од пола терен за победа на Македонија над Данска
Македонија со злато вреден триумф ги започна претквалификациите за Евробаскетот 2025 година, ја победи Данска 73:70 на гости и ги освои првите бодови во групата.
Црвено-жолтите, под водство на новиот селектор Александар Јончевски, играа егал меч со Данците во Нествед а финишот донесе драма каква не се видела.
Поважно е да се потенцира дека покрај лудата тројка од своја половина, Ненад Димитријевиќ постигна 29 поени и беше убедливо најдобар играч на теренот.
Во разговор за сајтот на КФМ, Ненад после мечот вели:
„Одлична тимска работа. Секој даде свој придонес во оваа особено важна победа, која како што реков и порано, е особено значајна затоа што доаѓа на стартот на циклусот“.
Лидерот на нашиот состав е свесен дека само со колектив може до конечен успех на крајт од оваа квалификациска фаза.
„И во тешки моменти, кои ги имавме на овој натпревар, останавме заедно и фокусирани. Знаевме да одговоривме на нивната серија, останавме мирни кога требаше...“
За најлудата тројка не само во неговата кариера, туку и во историјата на македонската кошарка во едни квалификации вели:
„Не знам како би го опишал. Најважно е дека топката влезе низ обрачот. Како, не знам ни јас самиот. Се обидов, погодив, победивме, тоа останува. Одиме понатаму. Во недела нè чека Словачка, ова го оставаме зад нас“.
Македонија веќе во недела, во салата на СРЦ Кале против Словачка ќе брка втора победа и нови бодови со кои од старт би го запоседнала лидерското место кое води во главните квалификации за Евробаскет 2025.
Интересно, Норвешка иако тотален аутсајдер, ја совлада Словачка во 1. коло и покажа дека секој може да се носи со секого во оваа група.