Јокиќ: Кога ќе ја завршам кариерата, посакувам никој да не ме познава

„Тажно е, секогаш кога одите во бар, ресторан, на некој натпревар, луѓето ги вадат телефоните и се обидуваат да ве снимаат“.

2023-та е историска и незаборавна за Никола Јокиќ. Ги предводеше Денвер Нагетс до првата НБА титула, а тој во финалето беше крунисан со МВП.

Освен со неговите извонредни додавања и немилосрдни поени од сите позиции, Јокиќ стана вирален на интернет и поради неговата незаинтересираност за раскош и луксузен живот, типичен за НБА ѕвездите.

Во најновото интервју кое му го правеше соиграчот Мајкл Портер Џуниор, тој ги кажа своите размислувања за славата.

„Да се биде познат, на некои луѓе им се допаѓа, на некои не. Кога ќе ја завршам кариерата, навистина посакувам никој да не ме познава. Посакувам моето дете да ме памети како татко. Мислам дека тоа ќе биде мојата цел во животот“.

Ги разбира навивачите зошто ги сакаат НБА ѕвездите и зошто е важно поврзувањето со тие навивачи, но смета дека понекогаш тоа оди предалеку.

„Навистина не ми се допаѓа овој живот бидејќи на крајот на денот, ние сме само кошаркари и сме само добри во она што го правиме. Но, медиумите се нешто што е околу нас, и секако, добиваме плата поради медиумите, поради нашата популарност“.

„Тажно е, секогаш кога одите во бар, ресторан, некој натпревар, луѓето само ги вадат телефоните и се обидуваат да ве снимаат. Мислам дека тоа е, ќе кажам, грубо. Не е дека сум надвор за да се покажам, јас сум само тоа што сум“.

Од другите цели во животот, Јокиќ издвојува:

„Да немам телефон, тоа е уште една моја голема цел. Сакам да го живеам моментот, да бидам нормален човек. Да одам на пијачка со другарите, да одам на ручек, да си играм со детето, да јавам коњи и никој нема да направи голема работа од тоа“. 

 
29 декември 2023 - 09:39