Инспиративната приказна за кошаркарот кој со една рака им држи лекции на Американците

Роден е во Доминиканска република, се преселил во САД пред само три години, речиси без да зборува англиски, а гази на терен и покрај тоа што им игра без една рака.

Хансел Енмануел е многу работи наеднаш. Вирална интернет ѕвезда, студент на колеџ, имигрант во САД и кошаркар на колеџот во прва дивизија.

Но пред сите работи тој е инспирација, затоа што сето тоа го прави и се истакнува хендикепиран само со една рака.

Ја загубил во родната Доминиканска република, а сепак надминал сè што му стоело на патот за да стане потенцијална НБА перспектива.

Хансел добил признание во 2020-та откако објавил видеа на социјалните мрежи како игра уличен баскет во неговиот град Санто Доминго и кусо потоа го викнале да гостува на национална телевизија.

Во САД се преселил во јануари 2021-ва откако добил стипендија на академија во Кисими, Флорида. Главниот тренер на тимот Мојсес Микаел бил поранешен соиграч со татко му и кога ги видел видеата на интернет, го убедил да дојде.

За само неколку недели по пристигнувањето, видеата повторно му станале вирални на социјалните мрежи.

„Дете со една рака тешко е. Не знаев дека ќе бидам тоа што сум сега“, вели Енмануел во интервју за Асошиејтед прес.

Тој напредува и постигнува фантастични бројки и покрај тоа што го нема истото чувство за рамнотежа како неговите соиграчи. Плус е момче кое на 16 години се преселило во САД без речиси воопшто да зборува англиски.

Детската траума со губење на раката му била уште еден дополнителен предизвик за надминување. Инаку ја доживеал на 6 години кога му се урнал ѕид по што два часа бил заробен, а потоа морале да му ја ампутираат.

„Размислував што ќе правам сега? Готово е за мене“.

Но наспроти намалените шанси, Енмануаел се пронашол во кошарката и после многу падови и тешкотии се навикнал на својот нов центар на рамнотежа.

На 12 години бил висок 183 см и почнал да оди на кошаркарски кампови во САД. Неговиот брз развој бил спротивен на долготрајните сомнежи за неговата способност. Но тие не биле негови, туку на тренерите.

Ги импресионирал соиграчите и тренерите со својата работка етика на тренинзите и одбил било каков посебен третман кога станува збор за тимските казни.

„Една важна лекција што ја научив во животот како студент - спортист е вредноста на трпението. Успехот не може да се постигне преку ноќ. Вообичаено е да се доживее фрустрација и разочарување на патот. Преку трпение, можеме да истраеме и да ги достигнеме нашите цели“, вели Енмануел

За разлика од многу негови соиграчи тој има веќе големи спонзорски договори, а една од нив е со спортска компанија со која има потпишано договор до сезоната 2025/2026.

Овој уникатен пример со најголемиот хендикеп за кошарка, лани во четврта година средно за универзитетот Нортвестерн во просек имал: 26 поени, 11 скока, 7 асистенции и 3,5 блокади по натпревар.

Покрај овие страшни бројки, внимавајте добро и како размислува и на што цели:

„Ќе стигнеме до НБА. Тоа е големата цел. Можам да инспирирам некои луѓе и да мотивирам многу луѓе. Да, можам да бидам позитивен“.

 

11 август 2023 - 15:25