Атаман го навреди македонскиот репрезентативец

На иста бранова должина со газдата на Панатинаикос е и тренерот на оваа екипа, Ергин Атаман. Кога им оди тогаш ликуваат како пауни. Кога губат не знаат да признаат пораз и да прифатат дека некој е појак од нив. Валенсија која сезонава игра магична кошарка, им одржа права лекција и ги доби на три натпревари по ред за епски пресврт. Атаман после поразот го кривеше Ти-Џеј Шортс кој игра за Македонија.

Наместо да ги согледа своите слабости при водењето на екипата која после водство 0-2 во серијата, изгуби три меча од кои дома на домашен терен од Валенсија и испадна со 3-2, Атаман се фати јавно да ги критикува играчите.

И тоа ни повеќе ни помалку туку најдобриот кошаркар од минатата сезона во Евролигата, Ти-Џеј Шортс, американскиот плејмејкер кој игра како натурализиран кошаркар за Македонија.

„Не игравме добро во нападот, во продолжение повеќе ќе го користиме Толиопулос. Кога Шортс беше на терен во напад игравме четири на пет“, рече турскиот тренер на полувремето пред камерата и го навреди својот играч.

Самиот Ти-Џеј Шортс играше фантастично во Париз минатата сезона па Панатинаикос иако е покриен одлично на неговата позиција, само за тој да не заврши во редовите на најголемиот ривал Олимпијакос, реагираше брзо, го претплати и го купи од Парижаните.

Од тогаш до сега Шортс не доби права шанса, повеќе седеше на клупата како замена на Кендрик Нан и тренерот Ергин Атаман не стори ништо да му даде повеќе простор и слобода во екипата.

Изјавата на Атаман отворено и чесно ја прокоментира и првиот човек на Хапоел Тел Авив, милијардерот Офеј Јанај:

„Непочитување и скандалозно. Инаку Атаман, слушнав дека твоите играчи се чувствуваат како да немаат тренер“, напишал богатиот бизнисмен на друштвената мрежа Х.

14 мај 2026 - 09:47