Кладилниците го селат Руни во Челси

Веќе подолго време се шпекулира дека Вејн Руни сака да го напушти Манчестер Јунајтед, но сега тој се наоѓа најблиску до излезната врата, а и кладилниците почнаа да примаат големи уплати и ги смалија коефициентите на опцијата дека неговата следна дестинација ќе биде Челси.

Челси и официјално потврди дека испратиле понуда до Манчестер Јунајтед за Вејн Руни. Во нивното соопштение не се наведени детали, туку само се демантираат гласините на медиумите дека во нивната понуда биле вклучени и Давид Луиз или Хуан Мата.

Дејвид Мојс во неколку наврати нагласи дека не се откажува од Руни, но како поминуваат деновите, напаѓачот е се поблиску до напуштање на Манчестер Јунајтед. Коефициентот дека тој ќе направи трансфер во друг клуб изнесува 1,53 односно 2,37 дека ќе остане во Манчестер Јунајтед.

Според кладилниците, прв фаворит за неговиот потпис е Челси со коефициент 1,53. Голем фаворит беше и ПСЖ, но по ангажирањето на Кавани сега нивниот коефициент се зголеми на 7. Следат Арсенал со 8,5 и Реал Мадрид со коефициент 21.

Со преминувањето во Челси, Вејн Руни би добил огромна мотивација за да докаже колку вреди, па коефициентот 17 за опцијата дека тој следната сезона ќе биде најдобар стрелец во Премиер лигата има добра вредност.

17 јули 2013 - 15:25