Зошто во трето коло понекогаш е подобро да се загуби натпревар?

На Светско одиш да победиш и да се докажеш колку што можеш повеќе. Но што ако поразот е подобар резултат? За него во моментов размислуваат Австрија и Алжир.

Има голем број интригантни ситуации пред последните натпревари по групи, откако работите стануваат појасни околу тоа кој со кого може да вкрсти во нокаут фазата.

Таква е ситуацијата во групата Ј на мечот Австрија - Алжир. И двете екипи имаат по 3 бода. Австрија е втора, Алжир трет. Аргентина е прва со 6 бода. Јордан има 0.

Една од опциите, која веќе сме ја виделе во фудбалот е никој да не се труди да победи, да ја расипат играта и со нерешено и двете селекции да одат понатаму. Австрија како второпласирана, а Алжир како една од најдобрите третопласирани екипи.

Втората опција која сигурно им е интересна за размислување е пораз. Зошто? Бидејќи тој што ќе заврши втор, ќе се соочи со победникот од групата Х. Постои голема веројатност тоа да биде Шпанија, еден од фаворитите на Мундијалот и трета фудбалска земја во светот на рангот на ФИФА.

Третопласираната екипа ќе се игра со еден од: победникот од групата Д (САД), победникот од групата Б (Канада или Швајцарија), победникот од групата Г (Египет, Иран или Белгија), победникот од групата Л (Англија, Гана или Хрватска) или победникот од групата К (Португалија или Колумбија).

Додека дојде време за натпреварот, и Австрија и Алжир ќе знаат точно кои ќе бидат нивните потенцијални противници во нокаут рундите.

Прашањето е дали е подобро да се налета на Шпанија или на некоја од другите споменати селекции? Постои многу реална шанса двата тима да одат на пораз.

СРАМОТ НА ХИХОН

Слична беше ситуацијата со „Срамот на Хихон“ на Светското првенство во 1982 година, на кое повторно во слична ситуација беа Австрија и Алжир, но и Германија. Случајот често се смета за најконтроверзниот натпревар во мундијалската историја кој резултираше со промена на распоредите од страна на ФИФА.

Натпреварот остана запишан во неславната историја, бидејќи Западна Германија ја победи Австрија со 1-0, резултат што им гарантираше на двете земји продолжување во следната рунда.

Алжир ден претходно го одигра својот последен меч во групата и му требаше победа над Чиле со 4 гола разлика. Но триумфираше 3:2 и се искачи на второ место со 4 бода, зад Австрија поради полоша гол разлика, додека Западна Германија беше трета со 2 бода.

Тоа значеше дека победа со помалку од два гола на Германија над Австрија, ќе им гарантира пласман во нокаут фаза и на двете селекции.

Германците рано постигнаа гол и потоа играта беше умртвена. Натпреварот беше широко осуден од фудбалскиот свет. Коментаторите ги охрабрија гледачите да се исклучат од пренос, а локален весник во Шпанија го објави извештајот од натпреварот во делот за криминал.

Единственото добро нешто што произлезе од натпреварот беше тоа што ФИФА го промени распоредот на следните првенства, за да се осигура дека последните натпревари од секоја група ќе се играат истовремено.

26 јуни 2026 - 14:44