Зошто во Англија има толку многу фудбалски дивизии?

Фудбалскиот клуб Нектон бил официјално најслабиот во цела Англија во 2023-та година. Овој клуб не го слушнале ни најверните кладилничари кои знаат места по фудбалски клубови подобро и од најдобрите географичари.

ФК Нектон е најслабиот клуб во цела Англија во 2023-та. Овој клуб доаѓа од селцето Норфлк и освоил најмалку бодови во 20-та (!?) англиска дивизија во 2022/2023. ФК Нектон има 1 победа, 1 нерешена и дури 20 порази со гол разлика -105 после 22 одиграни кола во оваа аматерска лига.

Во бесконечната хиерархија на фудбалски дивизии во Англија, после Д20 (20-та лига) се испаѓа уште подолу. Дваесет лиги замислете вие тоа.

ЗОШТО ВО АНГЛИЈА ИМА ТОЛКУ МНОГУ ДИВИЗИИ?

Во Англија неофицијално до 12-та дивизија важи систем на професионален, полу-професионален и аматерски фудбал, познат и како Non-League Football односно селски фудбал.

Најдолните десетина лиги се толку аматерски што единствен извор да најдете нешто е само Википедија, ако и таму има нешто. Според архивските податоци не така одамна најниска селска лига била 24-та дивизија во рамки на Лигата на Централен Сасекс (подоцна ја скратиле). 25-та дивизија никогаш немало.

Во сезонава 2023/2024 последна е 20-та дивизија односно осма лига на Девон и Ексетер позната и како Дивизија Ц од Аматерската лига на Ланкашир и Чешир (нова во сезонава 2023/2024) и четврта дивизија на Лигата на Централен и Јужен Норфолк каде игра ФК Нектон кој го споменавме горе.

КОЈ Е ФК НЕКТОН?

„Главни“ јунаци на статијава се момците од ФК Нектон, и официјално најслабиот клуб во целиот фудбалски систем на Англија за 2023-та година.

Местото Нектон првпат се спомнува во ХI век и таму живеат нешто повеќе од 2000 луѓе. Топонимот проистекнува од фразата „град крај рид“ што одговара на географската поставеност. Постојат низа знаменитости уште од XIV век, а еден од попознатите личности од ова место е диџејот Натан Фејк кој пушта електронска музика.

Играчите ги викаат саксонци што е поврзано со древна историја. Документирани докази покажуваат дека Нектон бил важен и богат имот во тек на саксонскиот период. Амблемот на фудбалскиот клуб е како и грбот кој стои на влез во селото.

ФК Нектон е основан како спортско-социјален клуб и една од најраните фотографии во клупската историја датира од сезоната 1946/1947. Нектон има и младински, јуниорски категории а понекогаш во прв тим доаѓаат играчи од школата. Интересно, младинските категории имаат позначителни регионални успеси од првиот тим.

За оние кои сакаат да ги следат резултатите од пониските англиски дивизии, идеално место за тоа е сајтот Full Time FA којшто се занимава со извештаи од сите постоечки лиги.

3 јануари 2024 - 10:31