Да се формира детален психолошки и социолошки профил на еден навивач, во последно време е работа само за угледните стручњаци, кои во најдобар случај трибините ги виделе на телевизија.
Стадионите се полни со енергија на контракултура, романтика и младост, коишто се важни предуслови за развој на радикалните политички идеи. Таа енергија често удира со десно, отколку со лево кроше'. Одговорот на прашањето зошто навивачките трибини од Париз до Москва во принцип се десничарски треба да се бара кај самите навивачи.
Дражен Лалиќ е еден од најпознатите хрватски социолози, редовен професор на хрватскиот Факултет на политички науки. Посакуваната општествена позиција не го навела Дражен да заборави дека бил дел од славната „Торцида“, навивачка група за која стадионите на Хајдук, Плинара и Пољуд во Сплит секогаш и секому ќе бидат пекол.
„Потребно е пред сè да се разликува односот на организираните навивачки групи кон политиката во земјите на старата и новата (посткомунистичка) Европа. Во првата, многу повеќе од втората постојат групи во кои доминираат лево ориентираните (Олимпик Марсеј, Барселона, Ливорно, Сент Паули, Рома, Рајо Ваљекано, Арис и некои други клубови), иако и во тие земји се присутни групи кои се исклучително десничарски (Лацио, ПСЖ, Интер, Фиорентина итн.)“, вели професорот Лалиќ.
Исто така, пишува порталот Вајс, што се однесува до старата Европа нужно е да се земе во предвид дека мнозинството навивачки групи во земјите од северна Европа нема профилиран, чист однос кон политиката. Ситуацијата е значајно различна во земјите од јужна Европа (посебно во Италија, Грција и Франција).
„Треба да се има на ум дека и во самите групи има присутни разлики во однос на политиката, па така во навивачкиот корпус на Рома во последните години постојат десно ориентирани подгрупи. Навивачите на Рома, најсаканиот клуб во главниот град на Италија, можеби беа и најпознатиот пример за организирана левица на стадионите. Сепак, подоцна стрмоглаво се свртеа и нивната трибина против левичарскиот Ливорно знае да изгледа како Саем на фашистички реквизити. Сценографијата ја предводат слики од Дуче (Б. Мусолини), келтски крстови, па дури и Reichskriegsflagge, воениот барјак на Третиот рајх. На таквата конверзија не може да ѝ се најде правата причина, вели професорот Дражен Лалиќ.
Професорот го врти вниманието и кон лицемерната западна култура, според која е политички коректно да се вее знаме со ликот на Че Гевара, бунтовник сведен на безопасна икона, а забрането е, и со тоа привлечно провокативно да се вее знамето на Третиот рајх. Лицемерно е затоа што за капиталистичкиот систем, Хитлер би бил далеку поприфатлива фигура од автентичниот Че Гевара.
„Причините поради кои во западните земји има повеќе групи кои се екстремно десничарски, а не лево ориентирани се разновидни. По мое мислење, тие причини се однесуваат на потребата на навивачот преку супкултурниот ритуал да ја провоцираат службената култура и така да го свртат вниманието на спортската и пошироката јавност кон себе. Меѓу ултрасите често се гледа изразен антагонизиран отколку хомогенизиран потенцијал кон фудбалот. Земете го примерот со пораките поврзани со Че Гевара, како икона на поп-културата, која што се смета за помала провокација од паролите поврзани со Хитлер и Дуче. На тоа секако треба да му се придодаде околноста дека културата на ултрасот во својата нарав е мачистичка, што е во нерамнотежа со родно освестената култура на радикалната левица, во која доминираат вредностите на пацифизмот", констатира професорот Лалиќ.
Токму од тука потекнува дволичноста меѓу радикално левото и радикално десното кроше, за кое најчесто се одлучува политичката елита и нивните капиталистички наредбодавци. Сепак, тие во јавноста мора да ја носат макар и напукнатата маска на левицата, која е грижа за запоставената социјала, која што е мнозинство во гласачкото тело.
И навивачот, затоа што е контракултура, често ја напаѓа маската, наместо правото лице на политичката елита.
„Сето наведено важи и за навивачките групи во земјите од посткомунистичка Европа, а во секој случај и за групите во земјите од бивша Југославија, кои долго време се авангарда на екстремното навивање во регионот. Посебно навивачите од Србија и Хрватска. Службената култура јавно ги истакнува вредностите на толеранција, антифашизам, мултикултуралност и слично. Овие вредности посебно ги потенцира Европската унија, поради што станува права мета на организираните навивачи“, вели Дражен Лалиќ.
На тоа треба да се придодаде и околноста што државите од бивша Југославија се двократно поствоени држави (2. Светска војна и балканските војни во '90-те), поради што се избегна соочување со минатото. Тоа го искористи вредносната основа на радикалното десно изразување. Свој удел во нивниот подем има и културно-хегемонската социјализација на младите, најчесто преку медиумите и образовниот систем спореведен од ХДЗ, СПС, СРС, национално ориентираните партии во БиХ и слични кои беа на власт.
Во секој случај, треба да се земе во предвид дека многу посткомунистички друштва веќе долго време се изложени на длабока економска и друштвена криза, која посебно тешко ги погодува младите, кои спремно ги прифаќаат идеите на национализмот, расизмот и други симболи на екстремната десница. Таа идеологија нив им е поблиска поради исчашената социјализација.
Андреј, навивач на белградски Партизан е човек кој своето име подеднакво го градел и во интелектуалниот и во навивачкиот универзум. За српската верзија на медиумот Вајс, Андреј подлвекува дека ниту модерниот фудбал не е погоден за растот на левите цветови.
„Модерниот фудбал е практично корпоративна работа, бизнис и не е реално да се очекува работничката класа да се организира на трибините од кои е избркана. Во западна Европа таа класа се држи уште за своите столици иако корпоративниот фудбал ги шутира со безумните цени за влезници. Англичаните неодамна пресметаа дека цената на најевтините карти, наменети за најверните навивачи за три години пораснала за два пати повеќе од секојдневните животни трошоци. Навивачкиот романтизам е непријател на профитабилноста на современиот фудбал, која може да си го приушти само едно добро ситуирано семејство. Фудбалот го направија како забава во рангот на поп концертите. Поради тоа капиталистичката економија сака да ишутира сè што е контракултурално на навивачките трибини. Левицата во тој случај е прва жртва“, образложува Андреј од Белград.
Како и што се очекува од левицата, жртвата уште не е дадена. Пол Риди е Ирец кој веќе една деценија живее во Шпанија, и е голем навивач на Рајо Ваљекано, прволигаш, но и клуб на кој ниту еден странец не помислува кога размислува за фудбалот во Мадрид. Стадионот на Рајо, Ваљекас е мошне жив доказ дека навивачката трибина и покрај сè, може да биде левичарска.
„Ваљекас отсекогаш било маало на работничката класа. Ваљекас бил предградие, самостално село, додека во доцните '50-ти години не го проголтало проширувањето на Мадрид. Во '60-те години, овој крај бил популарен меѓу мигрантите кои трагале за подобар живот во главниот град. Ваљекас ја изгради својата репутација преку тврдиот отпор кон диктатурата на режимот на Франко. Дури и денес, кога ќе ги оставиш зад себе населбите на средната класа и кога ќе прејдеш во Puente de Vallecas, ќе ја почувствуваш политичката агитација во воздухот. Секаде има плакати, флаери и постери кои повикуваат на протести против смалувањето на пензиите и платите, а речиси сите графити се левичарски. Трибините станаа политизирани кон крајот на '80-те години, со еволуцијата на ултра групите. Bukaneros не се активни само на денот на натпреварот, туку секогаш се присутни и на маршевите против неправдата, социјалните резови и антифашистичките демонстрации. Навивачите на Рајо организираат и антирасистички концерти и фудбалски турнири, а секој Божиќ собираме играчки за непривилегираните деца“, вели Ирецот Пол Риди за VICE.
Риди не е песимист ни кога станува за навивачката левица.
„Не би констатирал дека европските трибини се доминантно десничарски. Во источна Европа да, со исклучок на Бохемијанс од Чешка, НК Загреб, Челик од Зеница и Арсенал од Киев. Во Шпанија односот е 50-50. Ултра групи кон левицата се Севиља, Депортиво, Атлетик Билбао, Осасуна, Селта и Реал Сосиедад. Предводник на десницата е екстремниот Frente Atleticо од Мадрид. Левокрилни навивачки групи има и во другите европски фудбалски нации, како Германија, Франција, Грција, Турција или Шведска“, објаснува Пол Риди.
Србија и Хрватска, секако, никогаш нема да имаат шведски стандард, но Пол верува дека може да имаат макар шведска разновидност во идеологијата на трибините. А за тоа треба да помогнат интелектуалците кои не патат од предрасуди.
„Да се каже дека навивачите се прости е исто како да се каже дека Србите и Хрватите се грди, а тоа го истакнуваат луѓето кои сметаат дека се лишени од такви предрасуди. На стадион сум ги запознал најдобрите и најлошите луѓе во мојот живот“ констатира за српското издание на Вајс, Андреј од Белград.
Извор: Вајс