Зошто играчите во Серија А имаа црвена боја на лицето?

Овој детал викендов не го пропушти никој кој гледаше дуели од Серија А а имаше и такви кои во прв момент помислиле дека нешто не им е во ред со сликата во преносот. Станува збор за кампања.

Сите играчи и судии на теренот во 34. коло од италијанската Серија А имаа по една црвена обоена лузна на лицето во знак на поддршка на борбата противв насилство врз жените. #Unrossoallaviolenza (црвен картон за насилството) е хаштагот за оваа иницијатива реализирана во соработка со WeWorld Onlus.

Првпат играчите обоени преку лицето со црвена боја ги видовме во саботата (тогаш колото го отворија СПАЛ - Рома, Сасуоло - Фиорентина и Милан - Беневенто).

Целата акција била организирана од управата на Серија А заедно со Здружението на професионални фудбалери на Италија како и Здружението на италијански фудбалски судии.

Кампањата продолжи и во текот на неделата од првиот меч во 12:30 меѓу Каљари и Болоња па до вечерното дерби Јувентус - Наполи. Во моментот кога играчите излегуваа на теренот, судиите беа придружувани од девојчиња кои носеа маички спремни за овој настан. Оваа акција имала за цел да го насочи вниманието на јавноста особено на онаа масовната, стадионската јавност да даде црвен картон за насилството врз жените.

23 април 2018 - 15:21