Кога Унаи Емери ја напушти Севиља, неофицијалната титула најверен тренер во шпанска Примера прејде кај Симеоне. Атлетико го назначи Чоло за тренер во декември 2011 година и наскоро ќе прослават пет години заедничка работа.
Осумнаесет месеци подоцна оваа титула ќе ја добие друг специјалист - Ернесто Валверде или можеби Луис Енрике.
Примерите со работата на сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед (27 години) и Арсен Венгер во Арсенал (20 години до овој момент) нè научи дека ова е круна на тренерската кариера: да дојдеш во клуб со кој можеш успешно да работиш десетина година и да школуваш генерации и генерации играчи.
Но сите успешни тренери во последната деценија се номади. Гвардиола ја памети работата на Јохан Кројф кој верувал во три или четири годишен циклус после кој е неопходно да се смени тренерот и повеќе од играчите. Јирген Клоп во Мајнц и Борусија работеше по 7 години, за разлика од Мурињо кој редовно менува клубови.
Глобализацијата влијае на сите аспекти на фудбалскиот свет. Играчите денес знаат дека може да добијат повик од било кој агол на светот. Виктор Валдес одби да ја заврши кариерата во Барселона поради тоа што сакаше да ја разгледа одвнатре фудбалската култура во другите земји. „Миграционите“ тренери ги привлекува истото тоа.
Карло Анчелоти успеа да работи во сите топ европски лиги и после секоја нова земја зборуваше дека открил нешто ново. Тешко е да се биде успешен фудбалски тренер ако не си фанатик во својата работа.
Ако сте фанатик во својата работа тогаш ќе ја сфатите можноста да ги проширите своите хоризонти. Кога Фергусон и Венгер стигнале на својот „вечен“ пат во англиските клубови, фудбалската глобализациска река течела мирно.
Во моментот кога дошол во Манчестер Јунајтед, Фергусон имал 46 години колку што сега има Диего Симеоне. Претходно имал неверојатен успех со Абердин и работел во репрезентацијата на Шкотска. Венгер бил година дена постар кога дошол во Арсенал, а зад него имал 7 години работа во Монако. Симеоне пред Атлетико имаше кратки проекти во родната Аргентина.
Во минатите пет години Диего направи дела кои може да се споредат со подвизите на Херкул:
Пред него: Реал пред почетокот на секоја сезона можеше комотно да си запише 4-6 загарантирани бодови од мадридското дерби.
После него: Атлетико стана фаворит во мадридското дерби.
Пред него: Одбраната на Атлетико беше предмет на потсмев.
После него: Стана најдобра во Европа за само неколку години.
Пред него: Управата редовно била во конфликт.
После него: Управата е посложна од било кога и стои цврсто зад еден човек.
Пред него: Првенството беше со две екипи.
После него: Ликвидација на хегемонијата на Барса и Реал + две финалиња на Лига на шампиони.
Од аргентинскиот тренер барале од Атлетико да направи сигурна куќа, а тој направи бетонска плоча и го измени изгледот на целиот европски фудбал.
Проблемот е во тоа, како што пееше Мик Џегер, ти не секогаш го добиваш тоа што го сакаш. Атлетико го одржува нивото на Барса и Реал, но „Јорганџиите“ ги плаќаат своите играчи два пати помалку отколку што можат да си дозволат вечните ривали. На Атлетико ќе му биде тешко да задржи една суперѕвезда каква што стана Антоан Гризман.
Повеќе пари и повеќе ѕвезди не гарантираат титула, но секако пружаат предност во текот на сезоната. Откако го загуби и второто финале на Лига на шампиони за три години, Симеоне првпат изгледаше вознемирен и првпат јавно изрази сомнеж дека ќе ја продолжи кариерата во главниот град на Шпанија.
Но вие знаете добро како Аргентинците реагираат на загубено финале. Диего секоја сезона ја започнува сложено, од него се очекува да се бори еднакво со оние кои се супериорни во однос на сите параметри и финансиски и административни. И кога ќе загубите финале на пенали после продолженијата сигурно ви се јавува желба да почнете на друго место од почеток.
Симеоне работи во клуб кој има полно нерешени проблеми, игра во првенство каде има двополарен свет и каде ако нешто не се однесува на Реал, ќе се однесува на Барса и спротивно. Со фудбалери кои уште не сфаќаат колку добро може да играат и колку далеку може да стигнат.
Пред неколку години јавноста зборуваше за тоа каква младинска школа има Атлетико и колку играчи од позајмица ја чекаат својата шанса. Некои од нив Симеоне ги повлече во првиот тим, а со некои се поздрави без многу жалење. Тој гледа дали играчот е спремен да помогне во тековната сезона. Ако не е, може да се пакува.
„Постојано живеам со помислата дека може да добијам отказ. Но тоа е смешно, затоа што сопствениците на Атлетико имаат добро развиен инстинкт за преживување, така што најмалку размислуваат за отказ. Напротив, секоја година они ми даваат се повеќе слобода во клубот“, изјави лани Симеоне.
Симеоне слично како и Мурињо создава стресна ситуација за себе и својата екипа: „Не сме го освоиле првенството“, „Се бориме за трето место“. Чоло тоа го потенцирал дури и кога ситуацијата е во нивна корист.
Делата се поважни од зборови. Скратениот договор со Атлетико го обврзува до крајот на сезоната 2017/2018 и тоа е јасен сигнал што ќе прави Аргентинецот. Зошто да го смалува договорот ако не е спремен да го напушти клубот за две сезони? И датумот - лето 2018 не е избран случајно. Следното лето Атлетико ќе го отвори новиот стадион и за било кој спортски клуб тоа е најважен настан од многу причини, а посебно за рекламите.
Многу фудбалери на Атлетико, меѓу кои и главните играчи Коке, Гризман и Караско изјавија: „Додека е Симеоне во клубот, не одиме никаде“.
Чоло го поврзуваат со Интер каде ќе има поголем буџет и ќе биде во друштво на „богати и славни“.