Како да нема крај на црните вести. Замина во вечните ловишта и Цицо Крањчар, играчка и тренерска легенда на Динамо, маскота на славната генерација од 1982-ра година.
Кога ја слушнав потресната вест, првата мисла ми беше тој прочуен гол против Ѕвезда. Се вратив во моето детство и ми се врати филмот во глава. Тој лет стои како замрзната слика во времето, нешто по што многумина ќе го паметат. Со години одеше на најавните шпици на спортските вести.
Млинариќ се проби по левата страна, се сврте во средина, а Цицо се наведна во воздух, пркосејќи и на гравитацијата, се врати назад и ја смести топката во мрежата. Ремек дело, гол каков што не сме виделе на Максимир од тогаш.
Тоа беше прв од неговите 12 пролетни шампионски голови по враќањето од војска. Да го направеше само тоа, ќе беше доволно да влезе во легендите, а тој направи многу повеќе и во Динамо и во Рапид Виена со кој освои две шампионски титули. Го сметаат за еден од најдобрите странци во историјата на австрискиот фудбал.
И во Загреб и во Виена беше суперѕвезда, играч и човек кој сите го сакаа. За репрезентацијата на Југославија одигра премалку натпревари со оглед на квалитетот што го поседуваше. Тој не се жалеше премногу, иако имаше многу аргументи. Ако му ја отворевме таа тема, само смирено ќе ги кренеше рамениците и ќе речеше: Такви беа времињата, а имаше многу добри играчи.
Технички скоро совршен со чувство за потег кој тешко се надминува. Со топката бараташе како со омилената играчка. Беше мајстор и на мал фудбал. Можеби и повеќе отколку на голем. Малку кој од нас така играше, можеби никој. Тој што го гледал, знае за што зборувам.
Вечна жал ќе остави во хрватската репрезентација. Лесно одговори на првиот повик. Додека некои сè уште се двоумеа, Цицо немаше дилеми. Секој знаеше како дише дури и во тој поранешен режим, додека уште беше цврст и нескршлив. Никогаш не криеше дека е хрватски патриот.
Да беше роден неколку години подоцна, сигурно ќе оставеше многу подлабоки траги во дресот на Хрватска. Но затоа тоа му појде од рака како селектор. Ја однесе Хрватска на она фантастично Светско во Германија 2006. Не заврши како што сите посакувавме, имаше грешки, тврдоглавост, но Цицо сигурно сè работеше со добра волја.
Како тренер со Динамо освои две шампионски титули во Хрватска и додаде уште една со Загреб. Прв кој освои првенство, а да не седи на клупата на Динамо или Хајдук. Два пати го однесе Динамо во ЛШ. Најмногу се памети победата над Селтик кога Модрите за прв се изборија во најелитното клупско натпреварување.
Ќе го паметам како весељак со убави манири. Беше прав загрепски господин, шмекер, секогаш спремен за чашка разговор со новинарите во Домагој, каде што поминавме безброј ноќи славејќи ги победите на Динамо и хрватската репрезентација. Беше исклучително духовит човек и често пати нас новинарите до солзи не смееше со своите антологиски анегдоти. Го смеевме и ние него, особено Луги и Зидак. Ги сакаше новинарите, го сакаше животот.
На шегите на Зидак би реагирал со препознатлива насмевка. Сега некаде горе наздравувате и се смешкате на нас сиромашните долу. Го нема повеќе Зидак, Цицо, Отек. Тоа беа навистина добри времиња. Засекогаш ќе ги паметиме хероите на нашето време. Цицо беше еден од нив, високо на листата.