БЕКЕНБАУЕР ГО СМЕНИЛ ФУДБАЛОТ
Улогата либеро се појавила во втората половина на ’60-те години кога Франц Бекенбауер веќе го демонстрирал својот раскошен талент. Него во тој период го преместувале на лево крило или на средина од теренот, но тој ја барал својата природна позиција.
Инспирација земал од Интер на легендарниот тренер Ерера кој во необична формација 1-3-3-3 ги играл Џакинто Факети или Армандо Пики како либера, односно играчи зад одбраната, коректори кои одговорно ја изнесуваат топката и организираат напади.
Бекенбауер ги споил улогите на Факети и Пики и ја смислил позицијата либеро и дејствувал од зад одбраната па до нападот по сите вертикали од теренот.
Франц го водел темпото на игра зад стоперите, зад последните играчи, ја пренесувал топката на противничка половина и за време на позициони напади неочекувано дејствувал од длабочина.
Германскиот фудбал со Бекенбауер на чело почнал да доминира во Европа а тимовите ов кои тој играл победувале скоро секогаш и секаде.
Кајзер, како што го викаа, освоил 13 трофеи со Баерн Минхен меѓу кои три пехари во Лига на шампиони, Светско првенство и Европско со Западна Германија, три шампионски титули во американската NASL лига со Њујорк Космос и титула во Бундеслига со Хамбург во ’80-те години кога се вратил во Германија да доига пред крај на кариерата.
Бекенбауер станал симбол на либеро. Низок, слаб, но секогаш најмудар и најсестран на теренот. Тој практично ја избришал идејата дека стоперите мора да бидат високи со широки раменици, снажни и цврсти во играта.
Либерата почнувајќи од Бекенбауер беа последна линија на одбраната, но таа линија ја сочинувало само еден играч како либеро, таму играле прави мајстори со топка кои ги покривале сите дупки на останатите тројца дефанзивци.
Нивната одговорност била заснована на интелигенција: им бил потребен совршен тајминг и чувство за простор со цел да го осигураат централниот стопер и непогрешливо да реагираат кога противничкиот центарфор ќе прими топка.
Исто и максимално разбирање на фудбалот со цел да се изнесе топката на противничка половина во момент кога противникот не е спремен да одговори со контранапад.
ИГРАЛ НА НАЈГОЛЕМИТЕ НАТПРЕВАРИ ВО ФУДБАЛСКАТА ИСТОРИЈА
Франц бил учесник и главен херој на големите настани.
Ниту еден меѓународен натпревар за репрезентации во Германија не бил репризиран и гледан толку колку полуфиналето на Светско првенство 1970 меѓу Западна Германија и Италија. Во 2000-та француски L'Equipe врз основа на анкета правена меѓу 50 најпознати светски фудбалери, го изгласала тој меч за најдобар во ХХ век.
Игран на огромниот стадион „Ацтека“ во Мексико пред 102.444 гледачи.
Бекенбауер пред мечот им рекол на соиграчите: „Момци, најважно е да не примиме гол на почеотк. Во тој случај никогаш нема да ја пробиеме таа бетонска карпа“.
Германија прва примила гол и после 83 минути мака мачела да израмни. Израмниле буквално во последниот напад кога во 92-ра минута Шнелингер го постигнал својот единствен гол за Германија на 43 натпревари.
Неколку години подоцна Шнелингер рекол: „Кога ќе починам и ќе ме положат во гроб, свештеникот ќе чита молитва и ќе каже: „Овде лежи оној кој го израмни резултатот на мечот со Италија во 1970-та“.
Во продолжение од мечот Бекенбауер бил тешко фаулиран пред противничкиот гол. „По паѓање на трева ми се стемни пред очи. Почуствував силна болка во десната плешка“, се сеќавал Франц во книгата Meine Gegner – Meine Freunde (Моите противници - мои другари).
Германците го опкружиле судијата и барале жолт картон за Пјерлуиџи Чера а Бекенбауер станал и се вратил на своја позиција. Селекторот на Германија Хелмут Шон немал веќе право на замени, па Бекенбауер морал да игра под силни болки.
На терен во продолженија излегол буквално со врзана десна рака за телото со притиснат стегач, користел само една рака и јасно било дека во таква положба скоро и да не можел да влезе во дуел па ретко одел напред и повеќе ја додавал топката до првиот соиграч до себе.
„Јас сакав да го видам Бекенбауер здрав на терен. Така ќе беше праведно“, изјавил после мечот легендарниот Џани Ривера.
По спасувачкото израмнување во регуларен дел, Германците ги почнале најдобрите продолженија во историјата.
„Дополнителното време личеше на двајца боксери кои едвај стојат на нозе, не ја кријат главата и се посипуваат со удари еден со друг“, рекол Гари Валерен репортерот на германски ZDF.
Многу германски фудбалери од тој меч подоцна раскажале дека мечот испаднал луд поради големиот број грешки направени од умор. „Како дваесет и двајца најдобри играчи на светот можат да направат повеќе грешки за два часа отколку за цела сезона?“, се прашувал Бекенбауер во својата автобиографија насловена Einer wie ich („Некој како мене“).
Герд Милер ги довел Германците во водство 1-2 во 94’ минута, Италијанците израмниле 2-2 само четири миути подоцна преку Тарцизио Бургнич, Џиџи Рива режирал пресврт од 3-2 во 104’ минута, Герд Милер пак израмнил на 3-3 во 110’ минута за да во 111-та минута Џани Ривера со гол ги постави конечните 4-3 и да го заокружи најлудото продолжение некогаш играно.
Во својата неверојатно богата кариера, Франц Бекенбауер одиграл уште ден луд меч - финалето на Светско 1974 меѓу Холандија и Западна Германија.
Холандија во тоа време го играла најубавиот, тотален фудбал, оној кој подоцна Јохан Кројф го имплентираше во Барселона која ја усоврши таа игра.
Но Германците предводени од Франц Бекенбауер нашле лек за тој тотален фудбал. Селекторот Хелмут Шен многу внимателно ја спремил репрезентацијата за големото историско финале и ги изучил до ситница сите основни принципи на тактиката на легендарниот холандски тренер Михелс.
Шен построил универзална машина. Тој сфатил како преку притисок да го скрати дотокот на топки до главниот играч во Холандија. Во тој систем на зона, сите играчи вршат пресинг и без грешка мора да се држат до планот кога ќе ја одземат топката од противникот.
Главна улога секако имал најголемиот на светот во тој момент - Франц Бекенбауер. Пред 75.200 гледачи во Минхен, Холандија повела многу рано уште во 2’ минута со голот на Нескенс од пенал, но Германците направиле пресврт уште во првиот дел и со головите на Брејтнер исто од пенал и на Герд Милер во 43’ минута на крајот заслужено славеле светска шампионска титула.
СТАНАЛ ТЕЛЕВИЗИСКА ЅВЕЗДА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ПЕСНАТА И САКАЛ МУЗИЧКА КАРИЕРА
Франц Бекенбауер бил права фудбалска рок-ѕвезда во своето време. Тој не само што добро свирел, туку и одлично пеел.
Во 1966-та година на државното радио во Западна Германија меѓу најслушани песни биле: Get Off of My Cloud и 19th Nervous Breakdown – Rolling Stones, Strangers in the Night – Френк Синатра, Sloop John B – The Beach Boys, Yellow Submarine – The Beatles.
Овие хитови се бореле за првото место на топ листата, а на 31-во место била песна со наслов Gute Freunde Kann Niemand Trennen (Никој не може да скара добри пријатели). Ја извел 21-годишниот лидер на Баерн Минхен - Франц Бекенбауер.
НАЈСАКАН ГЕРМАНСКИ ФУДБАЛЕР НА СИТЕ ВРЕМИЊА
Франц Бекенбауер бил омилен во целиот свет, не само во родната Германија каде за него сите фудбалски великани имале пофални зборови.
Карл-Хајнц Румениге рекол: „Може да се каже дека тој беше идеален играч. Во животот не сум слушнал некој да го критикува него на терен и надвор од терен“.
Герд Милер за Кајзер Франц рекол: „Никој никогаш не го надмина Франц“.
Ерик Кантона исто имал позната изјава: „Тој беше лидер, доминантен играч кој владееше со топка многу вешто и грациозно. Но да кажам и дека ми го скрши срцето, кога имав осум години го гледав финалето на Светско првенство 1974 меѓу Западна Германија и Холандија и навивав за Холанѓаните. Плачев кога изгубија. Бев многу тажен но сега ја разбирам сета генијалност на Кајзерот“.
Великиот Еузебио во една прилика за Бекенбауер изјавил: „Тој може да игра на секоја позиција во одбрана или во среден ред. Беше универзален, многу добро ја читаше играта, знаеше како да игра и напред и да дава голови“.
Комплименти Франц добил и од големиот сер Боби Чарлтон: „Најважно кај него беше сјајниот преглед на теренот. Франц одлично се снаоѓаше со топка, играше одлично во одбрана, секогаш ја контролираше ситуацијата и никогаш не паничпеше. Беше многу цврст и никогаш не изгледаше како да игра напорно. Тешко беше да се игра против таков играч“.
„Бекенбауер беше еден од најдобрите што некогаш сум ги видел“, рекол вечниот Пеле а Брајан Клаф за него изјавил: „Еднаш видов како Франц влегува во ресторан исто како што играше фудбал, со класа и авторитет“.
ОСВОИЛ СÈ ШТО МОЖЕ ДА СЕ ОСВОИ
Франц Бекенбауер освоил Светско првенство и како играч и како тренер. Тој како играч бил европски шампион во 1972-ра, светски рвак во 1974-та, освоил сребро на Светско 1966-та, бронза на Светско 1970-та и сребро на Европско 1976-та.
Како селектор освоил Светско првенство во 1990-та и сребро на Светско 1986-та.
Со Баерн Минхен како играч освоил Куп на европски шампиони (Лига на шампиони) во 1974-та, 1975-та, 1976-та. Како тренер бил шампион на Франција со Марсеј во 1992-ра и шампион на Германија во 1994-та.
Во Германија бил шампион како играч со Баерн Минхен и со Хамбург во 1969-та, 1972, 1973, 1974, 1982.
Куп на Германија во играчка кариера освоил во 1966, 1967, 1969 и 1971-ва. Како тренер бил шампион во Куп на УЕФА со Баерн Минхен во 1996-та.
Златна топка за најдобар играч на светот добил во 1972 и 1976-та.