Едно црнче скитало по калдрмите на францускиот град Тулон да се најде со своите врсници - деца од 14-15 години. Сите тие израснале во една голема населба на малото градче, сместено на југо-истокот од Франција.
Кој од нив се правел дека знае да вози кола, ги возел со украдени клучеви од дома, некогаш краделе овошје од комшиските дворови каде постојано ги ловеле комшиите. По некој од нив добивал стап во грб или воспитна во полициска станица, ама казните само ја подгревале и онака жешката африканска крв. Еден ден малиот се поздравил со другарите зошто утредента требал да оди да игра фудбал во Сент Етјен.
„Во Тулон е сместена воено-морска база, стратешки мошне важен објект. Поради тоа градот се делеше на обични луѓе и оние од војската. Они сакаа ред и поредок, а ние го рушевме како варварите Стариот Рим. Децата на африканските доселеници ги нервираа жителите од јужниот дел. Многу завршија зад решетки, а јас на зелениот терен“, се сеќава на детството одличниот центарфор.
После неколку години тој прерасна во еден од најдобрите напаѓачи во Франција и влезе во Куќата на славните на најтрофејниот клуб во Франција. Неговото име е Бафетимби Гомис.
Семејството Гомис е од Сенегал, а во Франција дошле во потрага по нов живот на почетокот на ’80-те години зошто во татковината немале ништо. Фамилијата имала многу деца, освен Бафетимби имале уште девет дечиња.
Во тоа време Бафетимби силно поверувал во Бога, ја одбрал верата на своите родители коишто оделе на поклонување на Лурдската Богомајка.
„Често одев во Лурд (град во Франција) со мајка ми, а ако не одев, дома имав мало ќоше за молитва каде што се молев. Тоа ми помага“, вели францускиот фудбалер.
Благодарение на катахизисот Бафетимби успеал да избега од престапничкиот живот и криминалниот свет. „Секоја среда наместо да скитам по улици, јас го изучував словото Божјо. Тоа беше многу важно. Памтам еден цитат поцртан во мојот Нов Завет: „Барајте и ќе ви биде дадено“. Таа фраза ми даде многу сила“, вели Гомис.
Таткото како глава на семејството барал работа за која не требало специјално образование: истоварал вреќи во пристаништето, чистел дворови во богатите квартови, кречел.
„Татко ми многу работеше а малку учел, па тешко му беше да ја контролира мојата домашна работи во школо. Тоа исто можам да го кажам и за мајка ми. Таа цел живот е домаќинка. Останав сам на себе со учењето и не се справив најдобро“, се сеќава Гомис.
Ама со фудбалот е друга приказна. Уште на шест години трчал по топката на тулонските улици. Играле со се што ќе нашле. Малиот Бафетимби еднаш му западнал во око на еден човек кој работел во Спортинг Тулон каде го викнале на проба. Таму поминал шест години а потоа отишол на проба во славниот Сент Етјен.
Брзо го примиле во младинците на „зелените“ и тој одржувал пола семејство со парите што ги добивал. На 15 години го фрлил школскиот ранец во контејнер. Таму ги пратил и ставовите на незадоволните наставници и директори.
„Пробајте да држите за столица учениче кое заработува повеќе од сите свои наставници и директорот. Во глава му се вртат мисли: зошто да учам ако можам да заработам многу пари и да живеам среќно? Сега жалам што не инвестирав во своето образование. Само како возрасен човек сфатив колку е важно знаењето и на старост ќе се обидам да надоместам“, раскажал Бафетимби Гомис во јуни 2014-та во интервју за L'Equipe.
После неколку години по младинските категории, на 17 години Гомис го потпишал првиот професионален договор. За неговиот развој најзаслужен е Руди Гарсија кој уште тогаш во Гомис видел идна ѕвезда.
Но не било сè така розово. На еден од дебитантските тренинзи со постарите за првиот тим, Гомис ненадејно паднал на колена и легнал без знаци на живот. Лекарската екипа брзо се стрчала и го вратила во свесна состојба. Несвестицата ја припишувале на растечкиот организам и брзо заборавиле на тоа.
„Имаше напад, а ние мислевме дека тоа е само реакција за растење на организмот. Не придававме никакво значење. Плус тоа сите тестови покажаа дека Бафа е здрав како дрен“, се сеќава Гарсија тогаш тренер на Сент Етјен.
Идол на Бафетимби му бил Бразилецот Алекс Дијаз кого како помал го гледал на телевизија, а сега на 17 години тренирал со него во првиот тим. Првиот гол во сениорски фудбал Гомес го прославил така што се затрчал кон корне знаменцето, седнал на земја и преку пантомима имитирал пантер. Ова не била оригинална прослава зошто така правел неговиот идол Дијаз.
После триумфот во втората лига, Сент Етјен се спремал за Лига 1 но не сметале на Бафетимби. Новиот напаѓач во тимот Федерик Пикјоне бил прв избор. Баф го пратиле одново во Лига 2, во тимот на Троа. Таму давал гол буквално кога ќе посакал и навивачите се надевале дека клубот ќе го потпише на долги години.
А дома во Сент Етјен ниту Ели Боп ниту Иван Гашек не го смениле односот кон високиот напаѓач. Гомис долго време седел на клупа а во слободно време одел во црква. Се нервирал што е резерва од маките го спасил Лоран Руси. Кога Руси станал тренер Пикјоне во 2007-ма го напуштил Сент Етјен а Гомис влегол во неверојатна серија и дал 10 гола на 11 натпревари и го завршил првенството меѓу тројцата најдобри стрелци, а клубот го однел во зоната за европкупови.
Европското првенство 2008-ма станало јаве за Бафетимби Гомис. На првиот меч за репрезентацијата (пријателска против Еквадор кон крајот на мај) постигнал два гола и станал втор после Зидан којшто дал два гола на дебитантски меч.
Кога на официјалниот список за ЕП 2008 стоело и неговото име, Сент Етјен го ставил Бафетимби Гомис во својата Куќа на Славни каде последна промена била во далечната 1995-та кога големиот Лоран Блан станал член.
На крајот од сезоната 2008/2009 станало јасно дека Сент Етјен не може да оддолее на понудите за него. Во летото 2009-та претседателот на Лион, најголемиот ривал на Сент Етјен, Жан-Мишел Ола за 35 милиони евра го продал Карим Бензема во Реал а 13 милиони од нив потрошил на трансферот на Бафетимби Гомис.
Навивачите на Лион на почеток биле песмисти, но Гомис ги демантирал особено што имал повеќе простор по заминувањето на Бензема и Лисандро Лопез.
Во октомври 2009-та поради повредата на Рибери, Гомис дополнително го викнале во репрезентацијата. На тренинг пред мечот со Фарски Острови, Баф паднал на земја, а докторите на репрезентацијата брзо за залетале и дијагностицирале несвестица после што го пратиле во болница.
„Бафетимби знаеше што може да му се случи. Несвестици имал и претходно. После ова ние неколку пати му го проверувавме срцето. Сакавме да бидеме сигурно дека нема никаква опасност. Целиот свет се вознемири за неговото здравје, само тој не“, рекол еднаш лекарот на Лион, Емануел Оран.
Губењето свест не било поврзана со срцето, но селекторот Рајмон Доменек веќе не го викал Гомис од претпазливост.
Точно две години подоцона, Лион во последното коло од групната фаза на Лигата на шампионите играше против Динамо во Загреб. Победата значеше пласман во осмина-финале, само што математички мораше да победат со 6 гола разлика.
Уште во првото полувреме Матео Ковачиќ имаше шанса да ги олади, но брзиот црвен картон на Јерко Леко и голот на Гомис внесоа интрига во играта. Второто полувреме влезе во историјата: Бафетимби даде уште четири гола и со триумф од 1:7 и победата на Реал над Ајакс Французите отидоа во плејофот. А Баф влезе во клубот на бомбардери кои давале 4+ гола на меч од Лигата на шампионите.
После една година Гомис одново се најде на насловните страни откако на „Велодром“ стана првиот кој му дал три гола на Марсеј на негов стадион. Бафетимби често го споредуваа со Дидие Дрогба па набрзо стигна интерес за него од Островот.
„Подобро да играм за првиот во Лига 1, отколку да прејдам во некој просечен премиерлигаш“, Гомис одговорил на новинарско прашање за трансфер во Евертон.
Но Жан-Мишел Ола продолжил по свое. На преговорите за нов договор меѓу него и Гомис настанал конфликт и Олас го продал во Њукасл, но напаѓачот одбил трансфер. Брзо го седнаа на клупа и не играше. Но Ола брзо попуштил, му дозволил на тренерот Реми Гард да го стави Бафетимби во првиот тим а овој врати со 14 голови. Долго време не разговарал со претседателот.
После една година го продале во Свонси за кој Французинот со африканско потекло знаел само од Фудбал Менаџер. Но кога поразговарал со тренерот Гери Монк сфатил дека не згрешил и дека Велшаните имаат убаво тимче.
Но за 28 кола Бафетимби дал само пар голови и ретко влегувал во првите 11. На дуелот против Тотенхем конечно добил шанса од почеток, но...
Во 12. минута од мечот на „Вајт Харт Лејн“, домаќините напаѓале а Насер Чадли го отворил резултатот. Фудбалерите на Свонси ја шутнале топката кон центарот на теренот а во тој момент трибините замреле од страв. Гомис едвај се држел на раце на тревникот и наеднаш паднал. Екипата лекари се стрчала да го реанимира.
„Не можев да дишам, ми фалеше воздух. Во еден момент изгубив свест“, се сеќава Гомис на моментот кој ја потресе фудбалската јавност.
На стадионот исто снемало здив. Навивачите на Тотенхем, еднаш потресени од слична случка со Фабрис Муамба од Болтон кој се спружи без свест на теренот, пребледени гледале во Гомис.
Французинот брзо го однеле во подтрибинскиот простор со кислородна маска. Мечот го доиграле а потоа милиони гледачи чекале информации за здравјето на Баф.
„Бев на факултет кога дознав што се случило со Гомис. Не ги знаев сите детали, но очигледно паднал на земја кога никој немало до него. А кога сфаив што се случило на ’Вајт Харт Лејн’ помслив: ’Зар одново ќе се случи’? После такво нешто тешко ми беше да се концентирам на учење“, рекол Муамба кој неколку минути лежеше без свест на истиот стадион.
Напаѓачот на „Триколорите“ брзо се огласил и кажал дека се е во ред со неговото здравје иако изгледало страшно. Напишал дека мора постојано да лета за Франција зошто татко му не бил добар.
По извесно време Бафетимби Гомис раскажал дека има необична болест - вазовагална епилепсија. Оваа болест резултира со несвест поради недоволен доток на крвта во мозокот. Несвестица е одбранбена реакција на организмот и докторите не сфаќале дека таа не е воопшто опасна, освен ако не се повреди главата при падот.
Оваа патологија се јавува воглавном кај постарите луѓе и речиси никогаш не се случува кога човек е сам. Главна причина за тоа е психологијата. Емотивно растројство при што срцето бие побрзо и посилно и затвора значителен број од садовите преку кои крвта брза во мозокот.
Карактерно, лекарите сфатиле дека Бафетимби губи свест при сложени животни ситуации како болеста на татко му или адаптација во нов колектив.
„За професионален фудбалер овој случај е апсолутно единствен, вели најстручниот за оваа појава, главниот лекар на Болтон Марк Леве. Од професионална точка на гледање случајов е многу захтевен и потребно е изучување. Парадоксално е што не го загрозува здравјето. Тој може спокојно да доигра до 40 години! Најважно е да не ја повреди главата при падот. Јас искрено со голем интерес ќе продолжам да ги следам вестите за состојбата на Гомис“, рекол Марк.
Тогашниот тренер на Свонси Гери Монк потврдил дека знаел за необичната појава уште пред Бафетимби да дојде во клубот: „Ние бевме запознаети со тоа, но откако ги направи сите можни испитувања сфативме дека се е асполутно нормално. Тие особености не му сметаат на Гомис да игра и да тренира“, рекол Монк.
Следната сезона, првиот шпиц на Свонси Вилфред Бони отиде во Манчестер Сити но ефикасноста на Гомис не се поправи. Само шест гола во првенството не беа доволни за управата и во меѓусезоната Свонси го донесе Фернандо Љоренте а Гомис се врати во Франција и тоа на барање на неговиот фудбалски татко Руди Гарсија кој го води Марсеј.
Бафетимби со головите го вратил Марсеј од средината кон врвот и Олимпик брзо стана дел од првата петорка во Лига 1. Гомис даде дваесетина голови и три асистенции на 13 меча. Влезе на листата на најдобри стрелци и го надмина Златан Ибрахимовиќ во крајната листа на најдобри стрелци (122 гола).
Руди Гарсија барал од управата на да го потпише Гомис особено што Свонси за него барал симболична сума. Спорот настанал во платата за играчот, страните не се договориле и Гомис тргнал на пат за Турција. Марсеј го купи Костас Митроглу од Бенфика за 15 милиони евра. Гркот во Португалија дал само 3 гола.
„Сакав да останам во Марсеј но за жал не се чуствував како дел од проектот. Од самиот почеток на преговорите сфатив дека треба да заминам. Прво не видов голема желба за соработка со мене, а второ ми нудеа двегодишен договор. Понудените пари ја потврдија мојата претпоставка. Митроглу? Тоа е нивен избор којшто го уважувам. Но сега е очигледно дека купија послаб играч од мене за многу поголема цена од мојата“, рекол Гомис.
Французинот потпиша со Галатасарај каде му понудија 3,5 милиони евра годишно за 3-годишен дговоро плус бонуси. Бафетимби во Истанбул им врати со редовни голови во просек по еден на 100 минути.
Но во февруари месец, пред неколку дена тој повторно ги исплашил сите присутни на мечот против Касимпаша кога полази на раце кон нозете на еден гостински играч. Турците уште не знаеле за неговата состојба со колабирање, многу се растревожиле и околу него се собрале сите играчи. Но Гомис брзо се вратил, останал во игра и ги доиграл останатите 80 минути. Галатасарај изгуби а Гомис не даде гол.