
Оваа вест ја потврдуваат и The Athletic и 90min. Македонецот го водеше повеќекратниот светски шампион од октомври 2019-та година а договорот му е важечки до крајот на оваа година, но ќе биде предвремено раскинат.
Неговата претходничка на клупата на САД, Џил Елис пет години беше селектор на репрезентацијата и стана првата во историјата на САД која освоила две светски титули по ред како селектор. Фудбалерките на САД со 4 светски злата се меѓу најтрофејните селекции.
Влатко Андоновски во октомври 2019-та потпишал 4-годишен договор со фудбалската федерација на САД вреден 400.000 долари по година. Во 2022-ра тој заработил 446.495 долари а во таа сума без пресметани даноци кон државата, биле и бонусите од 50.000 долари за бронзениот медал на Олимписките Игри во Токио.
За три години како селектор на САД, Андоновски имал 51 победа, 9 нерешени средби и 5 порази. Но покрај почетната серија од 11 победи по ред откако седнал на клупата, му се памети и серија од три порази по ред минатата 2022-ра година, кога американските фудбалерки за првпат од 1993-та забележале три порази во серија.
Исто така на Светското првенство 2023 САД не постигнале гол дури 238 минути што е најдолга нивна негативна серија без погодок откако играат на Светски првенства во женски фудбал.
Влатко Андоновски победи на првите 11 натпревари како селектор и тоа беше рекордно најдобар старт на еден селектор на САД, а го освои и квалификацискиот турнир за Олимписки Игри и уште еден Куп SheBeleives.
Глобалната пандемија која што ги помести Олимписките Игри во Токио во 2021-ва ја закомпликува неговата работа на почетокот. САД беа главен фаворит на Олимписките Игри но се задоволија на крајот само со бронза.
На актуелното Светско првенство САД беа исто главен фаворит за злато, но испаднаа во осминафиналето, најрана фаза на испаѓање за женската селекција на САД на еден Мундијал. Американките изгубија на пенали од Шведска и тоа бил голем удар за женскиот фудбал во оваа земја.
Андоновски бил критикуван од тамошната јавност, поранешните репрезентативки Тобин Хит и Чарли Лојд кренале глас против лошата игра а Скопјанецот наводно бил критикуван и за погрешните тактички потези и лошите измени, пишува Њујорк Тајмс.
Му се замерува и што главните ѕвезди во тимот, Алекс Морган и Џулија Ерц играле на погрешни позиции во тимот од оние што ги имале во минатото. Исто така му се замерува и што малку шанса им дал на големите таленти Ешли Санчез и 18-годишната Алиса Томпсон.
Скопјанецот досега најголем дел од тренерската кариера ја минал во женскиот фудбал во САД и за очекување е да се види дали можеби ќе се проба и во машкиот фудбал како тренер на некоја екипа од МЛС лигата која со доаѓањето на Лионел Меси, Жорди Алба и Серхио Бускетс станува сè поатрактивна за гледање.