„Ракометот ми изгледаше прост, едноставен. Јас бев многу посилен и подобар од другите деца на моја возраст, така што со текот на времето почнаа да ме чуваат по двајца противници, а јас не знаев да одговорам. Потоа ме префрлија во првиот тим, но беше доцна, иако ракометот ме доеше како мал".
Сонот на таткото за син-ракометар почнал да го остварува братот на Арон - Арнор Гунарсон: игра во германската ракометна лига и во репрезентацијата на Исланд. Неколку пати играше и против Македонија.
„Целото детство го поминавме во борба. Ако сакаа да дознаат кој е подобар во ракомет или во фудбал ни даваа посебна награда за победникот во вид риба за вечера или чинија житарки за доручек. Тој дух на ривалство не зацврсти", раскажува Гунарсон ракометарот.
Во рок од две години откако излегол од ракометот, Гунарсон го забележале скаути на холандскиот фудбалски клуб АЗ Алкмар кои набрзо го викнале во Холандија. Арон таму одиграл еден меч во првенството и се преселил во Англија (Ковентри), каде неговите габарит и масивност дошле до израз.
Гунарсон напредувал на личен но и на колективен план - со младинската репрезентација на Исланд се пласирал на ЕУРО У-21 2011 преку баражот против Шкотска.
Тие младинци сега ги викаат „Златна генерација на Исланд": Гилфи Сигурдсон, Колбеин Сигторсон, Алвред Финбогасон, Јохан Гудмундсон, Биркир Бјарнасон - половина од хероите од ЕВРО 2016 играа пет години претходно на турнирот во Данска.
„Нашата генерација е првата која што ги помина сите фудбалски центри низ Исланд, и со нив безболно ја направивме смената на генерација. Селекторот Ларс Лагербак ризикуваше со младите, верувајќи ни 100%. Сите сме должни да му се заблагодариме", изјави Гунарсон неодамна.
Со тоа што се занимавал со ракомет, Гунарсон стекнал неверојатна техника при уфрлањата на топките од аут. Просто како со нога да ги центрира. Погледнете го голот против Чешка кој падна после негов аут.
Дури и со такви трикови, Гунарсон можеби не е технички најдобриот играч на Исланд - но секако е физички најдоминантен и фокусиран поради што заслужено станал капитен и тоа на само 22 години иако во составот има многу поискусни фудбалери.
Меѓутоа набрзо откако ја добил капитенската лента, Арон за малку ќе летал од репрезентацијата. Еднаш, пред квалификацискиот меч против Албанија непримерено се пошегувал на телевизија, каде изјавил дека „скоро сите Албанци се криминалци". Тоа го рекол во Тирана каде на локалците не им се допаднал неговиот хумор и го опколиле хотелот каде престојувал Исланд. Ситуацијата била толку напната што од хотелот ги советувале гостите да не го напуштаат престојот, затоа што надвор чекаат вжештени националисти.
„Од тој инцидент многу научив. Сфатив дека капитенот не смее да биде остар на јазик и дека треба да размисли неколку пати пред да каже нешто. Можеби е добро што се случи тоа, затоа што набрзо станав искусен, сериозен и потрпелив", изјави Гунарсон после инцидентот.
Селекторот Лагербек му простил на импулсивниот капитен дури после јавното извинување. Гунарсон созреал и на теренот. Во првите години често правел грешки во одбраната, но сега е подисциплиниран. Благодарение на репрезентацијата, Арон формирал за себе слика на тврд, силен играч на кој никој не му верува дека се плашел кога ќе останел сам дома додека неговите се на работа. Тешко е да се замисли таков викинг во смешна ситуација.
„Станав прибран благодарение и на мајка ми, која живееше две години со мене во Англија кога играв за Ковентри на 19 години. Не знам каде би бил сега без нејзината грижа и внимание. Постојано јадев пица и гадна брза храна и да не беше мајка ми ќе ми пропаднеше кариерата", раскажува Гунарсон.
Наскоро Гунарсон ја запознал и идната жена - познатиот фитнес-модел Кристборг Ионасдотир. Поради врската со него, таа ја прекинала богатата кариера на Исланд каде била личен тренер и шампион по бодибилдинг. Пред три години таа се преселила во Кардиф каде сега игра Исланѓанецот и таму започнала бизнис со брендот Brasilian Tan. Брзо добиле и син.
„Никогаш во животот не ми било така удобно. Отсекогаш сум сакал да имам син. Имам 12 братучеди и сестри, а некои од нив сум ги заспивал. Но кога ми се роди синот сфатив што значи чиста среќа и радост. Изгледа дека стануваш помудар во тој момент", додава Гунарсон чие семејство на Исланд се смета за совршено.
Гунарсон особено ја нагласува љубовта кон татковината за која има и неколку тетоважи по телото. На десната страна ја има исцртано бројката 603 - позивниот број за градот Акурјери каде е роден и научил да игра фудбал и ракомет. На едната рака ја има цртано црквата од родниот град.
„Овие тетоважи се дел од мојот живот. Благодарение на нив, секогаш се потсеќам на родниот крај и имам чуство на припадност кон мојата земја", заклучува Арон Гунарсон.
Вечерва Гунарсон и Исланд ќе играат историско осминафинале на ЕП против Англија. „Голем момент е за мене, затоа што сум многу голем фанатик на Манчестер Јунајтед. Тоа е и како некоја бајка, затоа што сите Исланѓани најмногу го сакаат англискиот фудбал и имавме среќа да ни паднат баш тие. Останува да го покажеме викингшкиот дух".
И да испаднат вечерва, Арон и натаму може да дојде кај татко му дома и да му каже: „Не зезнав ништо. Гледај кај бев".