Викенд на емотивни збогувања во италијанското првенство

Во Јуве, Рома, Милан и Киево ништо повеќе нема да биде исто од следната сезона. Дојде време да се разделат со нивни славни имиња кои со солзи се збогуваа и покрај тоа што имаат по уште еден меч. Важни моменти им се случија на Парма и Болоња.

ЗБОГУВАЊЕ НА ДАНИЕЛЕ ДЕ РОСИ СО РОМА ПО 18 ГОДИНИ

Разделбата меѓу верниот капитен и големата клупска легенда на Рома ќе остане запаметена како горчлива бидејќи никој не очекуваше дека така ќе заврши таа приказна.

По Франческо Тоти, тој е рекордер со 615 настапи за клубот на кој му го даде срцето, а управата му возврати на несоодветен начин. Сè уште нема официјални информации каде борецот од средниот ред ќе ја продолжи кариерата, но навивачите се бесни, па дури и Лацијалите го поздравија.

Изминатиов викенд тој го одигра последниот гостински меч за својот клуб од детството, но фештата се спрема за дома. Олимпико е распродаден за неговиот последен натпревар против Парма закажан на 26 мај, а навивачите му подготвуваат изненадувања.

Познато е само дека сите 19 фудбалери кои заиграле со него во младинската школа на Рома ќе бидат присутни на стадион во негова чест. Имаат направено Whatsapp група на која се организираат, а се работи за генерацијата 83-та кои пред 25 години почнале да тренираат со него во Рома. Меѓу нив е Симоне Пепе кој играше за Јуве.

АНДРЕА БАРЦАЉИ И ЈУВЕ

Со тазе наполнети 38 години уште еден ветеран пушти солзи прошлиот викенд. Се работи за еден од три столбови со кој Јуве го состави легендарното трио во одбраната.

За Барцаљи кој претходно настапуваше во помали клубови меѓу кои Киево, Палермо и Волфсбург, тоа ќе останат незаборавни и историски 9 сезони во Јуве со кој освои 16 трофеи од кои 8 Скудета по ред.

Дресот на Јуве за последен пат ќе има можност да го носи на гости против Сампдорија, а во претпоследното коло на Јувентус стадиум плачеше во прегратките на Алегри.

ЧАО МАКС СО 5 ОД 5

Тука може да го врземе заминувањето и на неговиот тренер кој пред неколку дена и официјално соопшти дека нема да ја продолжат соработката со Јувентус.

Тешко може да му забележат нешто, бидејќи серијата од 3 од 3 со Конте ја продолжија и ја направија рекордна токму со него. Остана неостварена желба само Лигата на шампионите каде не успеа да стигне до трофејот иако два пати беше во финале.

На последниот домашен меч оваа сезона на Јуве, публиката ги поздрави Алегри и Барцаљи, а мечот го следеше и Џиџи Буфон.

АБАТЕ СИ ОДИ ОД МИЛАН

Иако не е до толку звучно и славно име, сепак Игнацио Абате е верен и почитуван фудбалер на Милан од кој си заминува после 10 годишен престој.

Всушност се работи за нивното дете од академијата кој го даваа на позајмици, а потоа го задржаа една декада во која освои Скудето и два Супер Купови на Италија.

Навивачите му извадија транспаренти со кои му дадоа до знаење дека имаат респект кон него, а тој последниот меч на Сан Сиро против Фрозиноне го заврши со солзи на очите. Има 305 настапи за Милан.

ИДОЛОТ НА КИЕВО ВО ПЕНЗИЈА

На 12 април еден легендарен напаѓач наполни 40 години. Не играше тој за Јуве или Милан, ама тоа не значи дека не е легенда. За Киево игра 17 сезони, односно од времето на Џиџи Дел Нери со кој клубот им пркосеше на гигантите и стигна до историски квалификации за ЛШ и ЛЕ.

Зборуваме за најдобриот стрелец и рекордер по број на настапи во историјата на клубот кој има 139 гола на 516 меча. На Киево му беше верен и во Серија Б, а потоа стана капитен и ги врати во елитата.

ОПСТАНОК ЗА ПАРМА И БОЛОЊА

Се вратија во Серија А каде што им е местото, но стрепеа веднаш да не испаднат. Минималната победа од 1:0 против Фиорентина со автогол во 80-та минути донесе експлозија од радост на Енио Тардини. Култната Парма и следната година останува прволигаш.

Исто колку нив, 41 бод за опстанок освои и Болоња во која кам бек направи Синиша Михајловиќ. Српскиот стратег има извонредна серија од 7 победи, 2 нерешени и 2 порази на последните 11 средби, а опстанокот го обезбеди со спектакуларно 3:3 на Олимпико против Лацио.