Црвено-црните се недостижни по број на титули во македонското фудбалско првенство кое го освојуваа во 1992/93, 1993/94, 1994/95, 2001/02, 2002/03, 2011/12, 2012/13, 2014/15 и заедно со историската во југословенскиот фудбалски шампионат во сезоната 1986/87 имаат 9 шампионски титули.
Работнички има 4 во македонското првенство, двојно помалку од Вардар, Силекс и Слога застанаа на 3, Победа 2, а Македонија Ѓорче Петров, Шкендија и Ренова по една. Само прашање на време е кога Вардар прв ќе стигне до јубилејната 10-ка и ќе ја испише првата ѕвезда на логото.
Вардар е голем фаворит да го стори на крајот од оваа сезона во која на пауза презими на лидерската позиција. Има 13 победи, 4 нерешени и само еден пораз и пет бода повеќе од второпласираната Шкендија.
Вардарци имаа доста успешен подготвителен период во Анталија каде одиграа шест контролни средби и не загубија ниту еден меч. Скорот им е четири победи и две нерешени.
Клубот верува во својот тим од есенскиот дел од првенството и реши да не троши многу за засилувања. Дојдоа Црногорецот Дамир Којашевиќ од Младост Подгорица кој игра во среден ред, српскиот напаѓач Драган Ќеран кој претходно играше во Саудиска Арабија и младиот Христијан Денковски кој дојде од младинскиот тим на Гронинген.
Историскиот момент за клубот, Црвено-црните ќе почнат да го бркаат од овој викенд против Ренова и повикуваат на голема поддршка од навивачите во следните 14 кола до крајот.
„Ве повикуваме и оваа пролет заедно да го испишеме најновото поглавје од нашата „црвено-црна“ бајка. Со здружени сили да ја исковаме првата златна ѕвезда над логото на нашиот клуб, како симбол за десетте титули, кои да се надеваме дека ќе продолжат да се множат и низ годините што допрва следат. Патот нема да биде нималку лесен и на нашите фудбалери несомнено ќе им биде потребна вашата несебична поддршка. Преку фер и коректното навивање од полните трибини и ним ќе биде полесно да го придодадат јубилејниот шампионски пехар, во и онака богатото црвено-црно азно.
Ве покануваме уште в недела, на дуелот со Ренова, да дојдете во што поголем број на трибините, да им дадете ветер во грбот на Грне, Шиле, Тане, Николче, Пача, Попов и останатите... и сите заедно да бидеме сведоци на едно ново историско поглавје на клубот кој уште во „златната“ 1987 година со чист образ ја донесе првата титула во нашите витрини“.
Кога сме кај 1987-ма, едно потсетување за тоа што го објавивме пред два месеци.