Уникатниот рекорд на Дон Карло

Не е лесно да се изгради кариера во најсилните 5 европски лиги. Карло Анчелоти не само што стапна во сите нив, туку успеа да стане првиот тренер во историјата со титула во италијанско, англиско, шпанско, германско и француско првенство. Каков подвиг мајсторе.

Реал Мадрид го совлада Еспањол со 4:0 и на четири кола до крај е на недостижни +17 од второпласираната Севиља, +18 од Барселона и +20 од Атлетико Мадрид.

Тоа значи титула број 35 за Реал Мадрид. Барса има 26. За Карло Анчелоти пак историски момент со кој влегува во аналите на фудбалот.

Подвигот на италијанскиот стратег се движеше вака: Милан 2003/04, Челси 2009/10, ПСЖ 2012/13, Баерн Минхен 2016/17, Реал Мадрид 2021/22. По еден во секоја од најелитните европски лиги. Капа доле.

Сер Алекс Фергусон на пример е рекордер со 49 трофеи, Пеп Гвардиола за 13 години тренерска кариера има импресивна бројка од 31 и сезонава брка два, а Дон Карло има свој тешко достижен рекорд.

52 годишниот Гвардиола има титула со Барселона, Баерн Минхен и Манчестер Сити, што значи ако сака да го стигне рекордот на Анчелоти, ќе мора да се проба уште во Италија и Франција.

Инаку Анчелоти кој работи три децении како тренер, до сега ги има водено Реџана, Парма, Јувентус, Милан, Челси, ПСЖ, Реал, Баерн, Наполи, Евертон па пак Реал.

Тој е еден од тројцата тренери кој успеал три пати да ја освои Лигата на шампиони, два пати со Милан и еднаш со Реал и до сега во кариерата брои вкупно 22 трофеи.

Нема медиум кој не му се поклони

1 мај 2022 - 08:38