Уметноста на асистенцијата

Точно е дека тој што дава гол го има на сите табели и неговиот погодок е важна вест од натпреварот. Ноза да се асистира потребна е фудбалска леснотија, знаење и препознавање на вистинскиот момент. Во Европа во моментов, 6 играчи ја бркаат наградата за прв асистент на континентот.

ДУШАН ТАДИЌ, 26 години САУТЕМПТОН

Србинот во премиерлигашот дојде од Твенте, на барање на Роналд Куман. Во досегашниот тек од кариерата, Тадиќ има 93 асистенции, од кои 6 асистенции годинава на 15 настапи за Саутемптон. На српскиот репрезентативец доволно му беше првото коло, против Ливерпул, кога асистираше со петица и уште тогаш ја најави кандидатурата за најдобар асистент во Премиер лигата.

ЦЕСК ФАБРЕГАС, 27 ЧЕЛСИ

За разлика од Тадиќ, Шпанецот веќе се докажа во големите европски клубови. Иако има само 27 години, Фабрегас освојуваше трофеи со Арсенал и Барселона, а сега во Челси има потполна слобода. Досега во кариерата собра 162 асистенции и нема намера да запре. Фабрегас сезонава има 11 асистенции во првенството и 4 во Лигата на шампионите.

ГИЛФИ СИГУРДСОН, 25 СВОНСИ

Исланѓанецот игра смирено во моментите кога треба да го продолжи клучното додавање пред реализација. Сигурдсон е помлад и од Фабрегас и од Тадиќ, а во кариерата собра 38 асистенции. Заигра во права форма откако од Тотенхем летово дојде во Свонси, каде стана главен играч на екипата. За 6 месеци колку што е во екипата од Велс, Сигурдсон запиша 8 асистенции и постигна 2 гола.

НОЛИТО, 28 СЕЛТА ВИГО

Левото крило на Селта од Виго, на 28 годишна возраст есенва стана шпански репрезентативец. Минатата година постигна 14 голови, а сезонава има 5 асистенции во Ла Лига. Нолито е дете на Барселона, а подоцна играше во Бенфика. Асистенцијата со петица за Ларивеј на Камп Ноу против Барса уште се врти по најавните шпици на Примера.

КОКЕ, 22 АТЛЕТИКО МАДРИД

Сестран, млад и докажан фудбалер. Фудбалерот за врска е главната карика во „чолизмот" на Атлетико Мадрид. Шпанскиот клуб реши да го задржи по секоја цена, иако летово имаше многу понуди за него. Со само 22 години зад себе има финале на ЛШ и ЛЕ, 18 асистенции минатата година, а вкупно 51 во кариерата. Важи за најдобар асистент во шпанското првенство.

ДИМИТРИ ПАЈЕ. 27 ОЛИМПИК МАРСЕЈ

Роден на островот Реунион, во источен Мадагаскар, сакаше да се докаже во француското првенство. Игра како полушпиц, има 27 години и дури 81 асистенција во кариерата, од кои 8 годинава. На 16 настапи сезонава постигна и 5 голови за второпласираниот Марсеј. Пред Олимпик Марсеј, Паје играше уште и за Лил, Сент Етјен и Нант, а матичен клуб му е Сен Филип.