Страста кон фудбалот во Јужна Америка често ги преминува границите на нормално однесување на трибините, а новинарските извештаи од натпреварите наместо со убавината на фудбалската игра се полнат со опис на жестоките судири меѓу бара брава бандите.
Како во Чикаго, оној вистинскиот од 20 – те години во времето на Ал Капоне, кога бандите се убивале за контрола на маалото, градот или државата во САД, речиси 100 години подоцна во Буенос Аирес се случува истото само овојпат поврзано со трибина.
На договорено место, околу 600 метри од стадионот на Нуева Чикаго, Република де Матадерос, спротивставените фракции Лас Пералес и Лас Антенас воделе вистинска војна за превласт и водство на трибината.
Убиството се случило откако Лас Антенас први нападнале, а Лас Пералес возвратиле со пиштоли и го убиле 30 – годишниот Федерико Орландо Лопез, член на Антенас кој починал на пат кон болницата.
Реконструкцијата на настанот покажала дека пукал Хуан Хозе, водач на Лас Пералес секцијата.
Четворица останати се тешко повредени, во случајот кој повторно ја потресе аргентинската јавност која никако да ги скроти насилствата на фудбалските стадиони.
Слично убиство меѓу истите навивачите групи се случило пред 2 години, a отворениот судир меѓу групите кои сакаат да ја водат организацијата на трибината трае од 2007. година кога во хаосот на натпреварот меѓу Нуева Чикаго - Тигре, бил убиен еден навивач на гостинскиот тим.
Битката меѓу навивачите на ист клуб не е енигма во Јужна Америка. Таа најчесто се води за власт на трибините, рекетирање на управата и играчите, заработка од колачот за организација на гостувања во земјата, кореографии и пред сè контрола на нарко пазарот на трибината.