Добрата игра во првиот дел и шансата за победа како да ги подисплаши нашите кошаркари кои веќе на стартот од третиот период имаа неколку загубени топки и нереализирани напади по што Хрватска поведе 52:42.
Се обидуваа Симоновски и Костоски со тројки, но процентот на реализација не им беше сличен на оној вчерашниот, па Хрватска замина на највисоки 59:46. Следуваше тројката на Ѓуровски која како да ги налути домаќините кои направија серија 10:0 и се одлепија на недостижни 69:49.
До крајот од мечот, селекторот Србиновски им даде шанса на Брчков и Љубомир Младеновски, но Хрватите не застанаа и на крајот ги поставија конечните 73:55.
Најефикасни во нашата селекција беа Самарџиски со 10 поени и Дамјан и Војдан Стојановски со по 9 погодоци. Кај Хрватите, Шариќ прв стрелец со 15, а Бојан Богдановиќ уфрли 13 поени. Утре е денот Д за нашата селекција која игра против Грузија. Во случај да победиме ќе обезбедиме пласман во осминафиналето.