Иако без пораз ја мина групната фаза во ЛШ (Порто, Австрија Виена и Зенит), Атлетико Мадрид не беше екипа која високо котираше меѓу прогнозерите, но во нокаут фазата од најквалитетно клупско европско натпреварување ги покоси сите.
Во осминафиналниот двомеч со убедливи 5:2 го елиминираа Милан, а во налетот паднаа и големите Барселона и Челси кои немаа лек за хитот на сезоната.
Последниот чекор до толку посакуваниот пехар во ЛШ не успеаа да го минат за малку, но апетитите ги задоволија во првенството, каде дури во последното коло ја потврдија титулата и тоа не било каде, туку на „Камп Ноу“ против директниот ривал за трофејот.
И покрај тоа што ја освоија шпанската Ла лига во конкуренција на далеку побогатите Реал и Барса, а само 30 секунди ги делеа од трофеј во Лигата на шампионите, „јорганџиите“ не заспаа после успешната сезона и летово одново кречеа во својот дом.
Трофејната генерација ја напуштија Диего Коста, Фелипе Луиз, Тибо Куртоа, Давид Виља и Адријан Лопез, играчи кои беа носители на играта во тимот од „Висенте Калдерон“.
Но местата ги пополнија со Антоан Гризман од Реал Сосиедад , француски репрезентативец кој настапува на сите страни во средниот ред, потоа Марио Манџукиќ кој дојде од германскиот првак, голманот Јан Облак и левиот бек Сикеира кои дојдоа од Бенфика.
Мадриѓаните не отстапија од политиката да доведат анонимен играч, кој би можел да прерасне во вистинска ѕвезда, па летово во главниот град на Шпанија дојде малку познатиот Раул Хименез (23).
За мексиканскиот напаѓач кој дојде од тамошниот клуб Америка, Атлетико плати 10 милиони евра.
„Со останувањето во тимот на Годин, Коке и Арда Туран го задржавме костурот на екипата. Нивното присуство во тимот за мене е најголемо засилување“ – изјави неуморниот Диего Симеоне.
Уругваецот Годин доминира во својот и во противничкиот шеснаесетник, Турчинот како врска меѓу средниот ред и нападот, стана симбол на Атлетико во ерата на Симеоне, а Коке (генерација 92’) е играч за кој допрва ќе се слуша.
Сето тоа овозможува црвено – белите повторно да постават база која ќе војува на неколку фронта.
Чоло Симеоне, како голем мотиватор, минатиот вторник против астрономски скапиот Реал во Супер купот на Шпанија (1:1) покажа дека неговиот тим и сезонава скапо ќе ја продаде кожата.
Реваншот на „Калдерон“ се игра во петок, а на домаќините им одговара и нерешен резултат без примен гол за да го кренат трофејот во дуелот меѓу победникот на шпанскиот куп и лигата.
Дојдоа:
Марио Манџукиќ (Баерн Минхен, 22 милиони евра),
Јан Облак (Бенфика, 16 милиони евре),
Сикеира (Бенфика, 10 милиони),
Хесус Гамез (Малага, 2.5 милиони евра),
Антоан Гризман (Реал Сосиедад, 30 милиони евра),
Раул Хименез (Америка, 10 милиони евра);
Заминаа:
Диего Коста (Челси 40 милиони евра),
Фелипе Луиз (Челси 20 милиони евра),
Адриан (Порто 11 милиони евра),
Давид Виља (Њујорк Сити, слободен играч),
Хави Манкиљо (Ливерпул, позајмица),
Tибо Куртоа (Челси, се врати од позајмица).