Тоше, Андреј од ДНК и Кочани

Време невреме. Вечерва гледав фудбалски натпревар каде фубдалот ми беше во втор план. На теренот фудбалски меч со трилер завршница, во моите мисли Кочани, жртвите, ДНК...

Вечерашиот фудбалски натпревар меѓу Македонија и Велс кај мене разбуди една постара меморија. Ме потсети на натпреварот меѓу Македонија и Андора на 17 октомври 2007 година кој се одигра само еден ден по смртта на Тоше.

Идентично чувство на засенет фудбалски натпревар, на многу измешани емоции, чувство на ПРАЗНИНА имав и вечерва. Празнина... Веројатно тој збор најдобро го опишува она што е во нашите срце во моментов додека ја преживуваме оваа колективна траума.

Пред 18 години, а како вчера да беше кога Горан Пандев ги предводеше момците на тешкиот натпревар каде фудбалерите излегоа со маичките „Тоше секогаш во срце те носиме“. Истото го осетив и вечерва кога Бојан Миовски, Елиф Елмас, Столе Димитриевски и останатите момци истрчаа на теренот.

Едниот пееше „Полско цвеќе млад нека ме покрие“. Другиот, Андреј, пееше „Ако утре ме нема – немој да ме жалите“. Едниот пееше „Македонија навива за вас“, другиот пееше „Македонија на Европско“ – песна која ја одбележа нашата дружба додека бевме во Букурешт 2021 година. И двајцата си ја сакаа државата, ги помагаа сиромашните, ги бодреа фудбалерите. Беа прекрасни вокали, а како и на некој начин да ја предвидоа смртта.

Помина многу време од смртта на Тоше, а сите знаеме што и како правевме дента кога дознавме дека починал тој. Верувам дека ќе помине и многу време од денес кога сите ќе се сеќаваме што и како сме правеле кога ни кажале за трагедијата во Кочани. Ќе помине времето, но ќе остане болката, тагата, ПРАЗНИНАТА и сеќавањето.

А за фудбалот и целата трилер завршница вечерва? Што да кажам освен дека еднаш засекогаш мора да го смениме нашиот менталитет и лавовски да се бориме до крај, да одиме на победа. Како и да е, на мене барем не ми беше до фудбал.

Да бидеме добри луѓе, да се сакаме, да си ја почитуваме државата, спортот, да помагаме на сиромашните. Така и двајцата нѐ учеа. Бог нека им даде сила на фамилиите кои изгубија некој во Кочани, но и здравје на повредените. Боже, чувај ја Македонија.

Боемот 2.0

Цел стадион ракоплескаше во 59-та минута за 59-те жртви во Кочани

26 март 2025 - 12:27