Да, точно е. Засилувањето вредно 50 милиони фунти конечно постигнал гол. И тоа не еден туку два.
Последен пат Фернандо Торес се радуваше на гол на 19 октомври минатата година кога два пати се запиша во листата на стрелци на натпреварот против Генк од Лигата на шампиони.
По пауза од 1541 минута игра, Шпанецот со гол во 68-та минута го прекина постот кој траеше 151 ден.
Новиот тренер Ди Матео не само што го разбуди Торес, туку успеа да го размрда и целиот тим, па Челси одигра одличен натпревар против Лестер.
Првиот гол го постигна Кејхил, а водството го зголеми Калу. Во второто полувреме на сцената стапи Торес со головите во 68-та и 86-та минута.
Головите за Лестер ги постигнаа Бекфорд и Маршал, а конечниот резултат го постави Меирелеш во првата минута од судиското продолжение.
Пласман во полуфиналето обезбедија и фудбалерите на Ливерпул кои го победија Стоук со 2:1.
Домаќините поведоа со голот на проблематичниот Уругваец Луис Суарез, но по само три минути резултатот го израмни поранешниот фудбалер на Ливерпул, Питер Крауч.
Победата на Ливерпул му ја донесе Даунинг во 57-та минута.