Пресметките на Јувентус велат дека тие освоиле 30 титули ако се сметаат и оние од 2004/05 и 2005/06 кои им беа одземени со аферата Калчополи, но ова е 28-ма официјална титула и прва по сезоната 2002/03.
Екипата на Јувентус е непоразена 37 кола или на 41 официјален натпревар оваа сезона. Само уште еден натпревар ги дели до завршување на сезоната без ниту еден пораз. Ова до сега им успеало само на Перуџа во сезоната 1978/79 (тие сепак не ја освоија титулата) и Милан во 1991/92, но ова ќе биде прв пат откако се играат по 38 натпревари во сезона.
Победата над Каљари од 0:2 е седми натпревар во серија на гостински терен без примен гол со што тие го израмнија клупскиот рекорд од 1979-та година, а рекордот во Италија со осум натпревари го држи Милан од сезоната 1993/94.
Антонио Конте ја освои првата титула како тренер, а додека беше фудбалер на Јувентус освои пет шампионски трофеи. Џиџи Буфон ја освои третата титула со Јувентус, а исто толку има и Андреа Пирло, но две од нив ги освои како фудбалер на Милан. Ова беше и шеста официјална титула за Алесандро Дел Пјеро кој следната недела ќе го одигра својот последен натпревар во црно-белиот дрес.
На Јувентус освен победа на својот натпревар, потребен му беше и кикс на Милан, а најзаслужен за ова беше Диего Милито. Аргентинецот е само четврти фудбалер кој успеал да постигне хет-трик на „Дерби дела Мадонина" и прв по пауза од 52 години.