Тифозите во Италија се повеќе на екстремната десница

Карло Амбра, експерт од истражувачкиот полициски сектор „Ucigos" кој го анализира навивањето како феномен во Италија, направи биланс во однос на нивната политичката определба, а како најголема дискриминирачка појава го издвојува расизамот.

За време на минатата сезона на стадионите во италијанските првенства во првите четири лиги евидентирани се вкупно 41,120 ултрас навивачи поделени во 388 групи.

Од нив 45 се екстремно десно ориентирани, 15 припаѓаат на екстремната левичарската страна, а 9 се мешани. Од десничарските групи 17 има во Серија А, 18 во Серија Б, шест во третата и четири во четвртата италијанска лига.

Од левичарите во првата, третата и четвртата лига има по три групи, а најмногу, вкупно пет се забележани во Серија Б. Од мешаните пет се застапени во Серија А, три во втората и по една во трета и четврта лига. Помеѓу овие групи може да се најдат и симпатизери на клубови.

Според истражувањето на „Ucigos" 43 навивачки групи не прифаќаат никаков дијалог, а 138 групи седнуваат на разговор во четири очи. Минатата сезона биле уапсени тројца навивачи, а 15 биле обвинети.

По овие основи на стадионите се евидентирани 18 случаи на расизам најчесто со препознатливиот крик со кој се навредуваат црномурестите фудбалери. Најмногу вреѓале навивачите на Лацио кај кои се регистрирани осум случаи, кај оние на Јувентус има три и кај Рома два случаи.

Проектот на УЕФА таканаречен „Нула толеранција" за борба против расизам во фудбалот доби голема поддршка од Италија, а прв кој се соочи со голема казна беше фудбалер од петтата лига кој доби суспензија од 10 меча.

Случајот околу кој се крена голема прашина минатата сезона беше пријателскиот натпревар помеѓу Милан и нисколигашот Про Патрија кога домашните навивачи го навредија Боатенг, а тој ја рогна топката кон нив и потоа мечот беше прекинат.

28 ноември 2013 - 17:22