Боатенг прекина натпревар заради расизам

Пријателската средба помеѓу Милан и Про Патрија траеше само 25 минути. Навивачите на четвртолигашот наместо да уживаат во мајсториите на европскиот гигант, на расна основа го навредија Принц Боатенг.

Тест мечот за италијанскиот прволигаш Милан пред престојното викенд коло во Серија А донесе многу нервози и тензии на стадионот „Карло Сперони“. Наместо релаксирачки пријателски натпревар, избраниците на Масимилијано Алегри мораше да се соочат со некоректниот однос на домашните навивачи.

Пријателскиот натпревар против Про Патрија „Росоњерите" го прекинаа во 26 минута кога при еден дриблинг на Боатенг, навивачите ги испуштија "непопуларните" звуци со кои на расна основа го навредија фудбалерот на Милан.

Боатенг жестоко реагираше и со топката се обиде да ги погоди непристојните домаќини. На неговиот протест се приклучи целиот тим, како и судијата кој веднаш го прекина мечот.

На крајот голем дел од публиката го поздрави гестот на Боатенг кој со напуштање на теренот им даде до знаење на ултрас фановите на Про Патрија дека во такви услови не може да се игра фудбал.

Во четвртата „Лига Про" каде што настапува Про Патрија за вакво однесување на навивачите, тимот беше казнет со парична казна од 15 илјади евра.

3 јануари 2013 - 16:09