Даниел Субашиќ имал многу тешко минато. Тој е половина Србин и во времето на крвавата војна во неговиот роден Задар преживеал мачна судбина. Веќе е позната приказната со неговата девојка од младоста Антонија чијшто татко ја претепал затоа што не сакал Србин за зет.
Данијел е роден во Задар, татко му Јован е Србин а мајка му е од Хрватска. Семејството Субашиќ на почетокот на војната се соочило со смртни закани, на нивната куќа неколку пати биле фрлани бомби како знак дека тука не припаѓаат, непријатно им било секое излегување на улица, но на крајот издржале.
Но и по завршувањето на војната, години подоцна, херојот на Хрватска на Светското во Русија, и натаму не бил спокоен.
На 17 јуни 2007 година Данијел требал да се ожени за неговата девојка Антонија но татко ѝ Анте Боца прво ја претепал после што таа завршила во болница, а потоа ѝ се заканувал дека ќе ја заколе ако се омажи за Субашиќ. На Данијел му замерувал само затоа што овој е Србин. За ништо друго.
По насилството, полицијата го привела ненормалниот родител кој набрзо бил изведен пред суд и бил обвинет за семејно насилство. Антонија во меѓувреме избегала од татко ѝ, и се преселила во Задар кај својот вереник.
Во младоста патела и играчката кариера на голманот затоа што имало тренери-националисти коишто го тормозеле за неговите српски корени, не му давале да брани доволно и го омаловажувале.
****
Како животот да не му донел доволно страданија, па еднаш додека бранел за Задар, во март 2008 година, при еден негов дегажман далеку од својот гол, неговиот најдобар другар и соиграч Хрвоје Чустиќ по снажен дуел со противнички играч, се струполил и удрил во бетонскиот ѕид крај аут линијата.
Хрвоје кој тогаш имал 25 години и 10 настапи за младинската репрезентација на Хрватска, го однеле во болница но не можеле да го спасат. После два дена тој починал, а Даниел постојано се обвинувал себеси како топката не ја рогнал било каде на друго место, иако тој нема никаква вина за трагедијата.
Останал без својот најдобар другар.
Не можел да остане веќе во Задар затоа што во градот и клубот сè го потстеќало на Хрвоје со кого бил како брат. После една година ја прифатил понудата на Хајдук и се преселил во Сплит, подалеку од местото за кое го врзувале само лоши спомени.
Во хрватската лига Суба бранел до 28 години, нешто сосема невообичаено за одлични голмани од регионот кој на рана возраст одат да бранат во поголемите екипи.
Понатамошниот пат на Субашиќ го знаете - отиде во богатиот Монако со кој стана првак на Франција откако ја освои титулата во Лига 1. Доби повик за репрезентацијата чијшто гол го чува одлично.
Којзнае што би било да не го напуштел Задар по трагедијата на Хрвоје Чустиќ.
Од тој кобен 29 март 2008 Данијел редовно под својот голмански дрес носи маичка со слика од Хрвоје Чустиќ. Секоја победа, па така и славните триумфи на Светското му ги посветува нему. ФИФА пред неколку дена го опомена дека не смее да носи маичка која не е во склад со нивните правила.
Пред натрпеварот со Русија, еден од присутните новинари го прашал за случајот со Кустиќ. Одговор немало. Петнаесет секунди Данијел гледал во празно а потоа се расплакал и низ солзи рекол: „Мислам дека добро знаете што се случи. Не би зборувал за тоа“.
Десет години по смртта на Хрвоје, Данијел на датумот на роденденот на неговиот другар, му честита роденден на Инстаграм, одржува контакт со неговото семејство и не зборува за тоа што се случило без солзи.
Во меѓувреме јуначки бранеше пенали против Данска и против домаќинот Русија, ја однесе Хрватска до полуфинале а соиграчите се погрижија Суба да брани и на историско финале на Светско првенство.
Никој не знае дали Данијел би бранел во финале на Светско или денес и натаму би играл во родниот Задар ако не се случела страшната трагедија. Но едно е сигурно - Субашиќ во финалето ќе се бори за златото за себе и за својот брат кој ќе го носи под дресот.