Нерео Роко е роден на 20. мај 1912 година во Трст којшто тогаш бил во состав на Австро-Унгарија, а после Првата Светска војна градот преминал во состав на Италија.
Фудбалската кариера на Нерео Роко била активна во време на војна. Легендарниот Роко играл во средниот ред а првите настапи ги направил за Триестина, клубот од родниот град.
Во 1937 година преминал во Наполи а последниот меч во кариерата го одиграл во далечната 1942-ра за Падова. Во италијанското фудбалско првенство немало прекин ниту за време на Втората Светска војна со исклучок на сезоната 1944/1945.
За репрезентацијата на Италија Нерео Роко дебитирал во квалификациски меч за Светското 1934 година против Грција. Дуелот се играл на 25 март 1943 во Милано а идниот светски шампион ги декласирал Грците со 4-0.
ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА
Нерео Роко влегол во историјата на светскиот фудбал како тренер којшто ја смислил тактичката шема - катеначо. Нерео експериментирал со катеначото после војната додека ја тренирал екипата Либертас од Трст (Триесте на италијански). Во исто време играл и либеро за тимот.
Во пост-воениот период италијанското првенство било составено од познати фудбалери коишто можеле да си дозволат да бираат во кој од четирите најголеми клуба во земјата ќе играат - Милан, Јувентус, Интер и Торино.
Тоа создавало меѓукласна борба така што посиромашните клубови никако не можеле да им се спротивстават на моќните состави. Лекот за да се справат со тоа им го дал Нерео Роко кој како тренер на Триестина го промовирал катеначото како борба против големците.
Роко ставил акцент на одбраната и на одличната соработка меѓу играчите кои се бранеле „бетонски“. Откако успевале да го сочуваат својот гол недопрен, со големи напори користеле момент-два да тргнат во контранапад. За таквиот модел на игра неопходна била железна дисциплина на теренот каде секој морал да си ја знае својата задача.
Тој знаел дека за да се „изгланца“ катеначото не било едноставно, но потрошил огромна волја и труд за фудбалерите да го спроведат во дело замисленото.
Во сезоната 1946/1947 Триестина била долу на претпоследно место во Серија А после што тренер на клубот бил назначен младиот учител Нерео Роко. Благодарение на новиот млад тренер и новата прогресивна тактика во сезоната 1947/1948 Триестина направила сензационални резултати и го освоила второто место зад шампионот Торино кој во тој период бил неприкосновен лидер на италијанскиот фудбал во пост-воената епоха.
Во следната сезона Триестина се држела одлично меѓу првите 10 на Серија А.
Но Нерео Роко бил познат и како човек со тешка нарав и според гласините ниогаш не бил задоволен од своите играчи. Роко важел за строг ’татко’ на фудбалерите. Бил ексцентричен и незгоден, но го сакале. Благодарение на неговиот симпатичен нагласок на колоритен триестински дијалект тој го добил прекарот «El paron» («патрон»).
Роко продолжил да ја тренира Триестина до 1953 година иако во сезоната 1951/52 на кратко бил во Тревизо.
Совршеноста на својот играчки модел Роко ја довел во клубот Падова којшто го водел од 1953 до 1961 година. Катеначото било толку продуктивно и носело резултати што почнале да го бараат и другите италијански клубови меѓу кои и големите Интер, Милан и Јувентус.
Нерео во почеток ја спасил Падов од испаѓање од Серија Ц, донел во екипата неколку талентирани играчи а веќе во следната сезона скоцкал еипа спремна да игра во елитата во која се пласирале 54/55.
Во време на зимската пауза во првенството, Роко ги убедил Ивано Блазон, Силвано Моро и Џовани Ацини да дојдат во Падова. Во 1957/58 екипата завршила трета во Серија А и тоа бил уште еден голем успех на Роко.
По заминувањето од Падова, човекот по кој денес е наречен градскиот стадион во Трст, некое време бил и селектор на Олимписката репрезентација на Италија.
ЧУДАТА НА НЕРЕО РОКО ВО СЛАВНИОТ МИЛАН
Но најголемите успеси на Нерео Роко биле пред него. Неговите подвизи најмногу ги ценеле газдите на Милан и во 1961 година тој дошол во најбогатиот италијански клуб.
Тогаш Роко се нашол во специфична ситуација затоа што веќе немал проблеми со неквалитетни играчи, затоа што во Милан бил самиот крем на Европа а играле и врвни напаѓачи. Немал потреба од страдалната одбрана. Година претходно во Милан дошол Џани Ривера кој таму се нашол со Бразилецот Жозе Алтафини кој го носел црвено-црниот дрес од 1958/1959.
Со такви напаѓачи сите мислеле дека Нерео ќе се откаже од катеначото и контранападите.
Уште во првата сезона на должност главен тренер, Милан го освоил своето осмо скудето и го започнал можеби најуспешниот период во својата историја. Главни архитекти на тие успеси станале Џани Ривера и Бразилецот Жозе Алтафини.
Но допрва следувале уште поважни победи на Роко. Тргнале по пехарот во Купот на европски шампиони и на 22 мај 1963 година на „Вембли“ во Лондон се сретнале во финалето со португалска Бенфика која што го бранела трофејот од главниот европски клупски турнир. Португалците први дале гол и тоа преку Еузебио во 18. минута но во вотиот дел Алтафини постигнал два ефектни гола за победа на Милан.
Тоа била првата победа на клуб од Италија во Купот на Европски шампиони. Во Серија А во таа сезона Милан завршил втор а пред него стоел Интер.
За управата на Милан тоа не било доволно и Нерео Роко заминал во Торино каде седнал на клупата на „Биковите“. Иако под негово водство Торино не освоил Скудето, сепак екипата покажала најдобри резултати по 1949 година кога се случила тешката трагедија кога во авионска несреќа загинаа сите играчи и тренери на Торино, лидерот во италијанскиот фудбал.
Во ’67-ма Роко одново се вратил во Милан и неговата работа во овој клуб била уште поуспешна од првиот мандат. Во пролетта 1968 година тој му ја вратил на клубот титулата шампион на Италија која што не ја освоиле за време на неговото отсуство и го освоил Купот на Куп победници со победа против Хамбург 2:0.
Во 68/69 Милан не го освоил Скудетото кое го славела Фиорентина, но затоа уште еднаш го освоил Купот на Европски шампиони (денес ЛШ) откако со 4-1 го згромил Ајакс во финалето. Истата 69-та Милан го освоил и Меѓуконтиненталниот Куп кога во два меча го добил аргентинскиот Естудијантес.
Во тие години во клубот под раководство на Нерео Роко, кариерата ја почнал и 19-годишниот Франко Барези идниот најдобар дефанзивец на светот.
Во вториот мандат во Милан, Нерео Роко останал до 1973 година. Не го освоил Скудетото повторно но два пати по ред, во 1972 и 1973 го освоил Купот на Италија. Во ’73-та овој маестро го освоил и Купот на Куп победници откако во финалето со 1:0 го победил англиски Лидс Јунајтед.
Во 1973 година веќе во години, Роко отишол во Фиорентина која што ја тренирал само една сезона после што ја завршил активната тренерска кариера. Понатаму работел како технички консултант на Милан.
ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ
- Нерео Роко долго време го држел рекордот по количество на мечеви во Серија А како тренер, а во 2006-та неговиот рекорд го сруши уште еден ветеран, Карло Мацоне.
- По името и презимето на Нерео Роко е наречен и тогаш новиот стадион во Триесте (Трст) кој собира 30.000 гледачи. Стадионот бил отворен на 18. октомври 1992 година а на него игра домашната Триестина каде Нерео Роко ја започнал спортската кариера како играч и како тренер.