Ахтам Хамрокулов е познат фудбалер во Таџикистан, посебно во јужниот дел од оваа азиска земја. Тој е роден во градот Кургонтепа и долго време настапувал за локалниот фудбалски клуб Вакш.
Пред две години Хамрокулов добил примамлива понуда од ривалскиот клуб од соседниот град и решил да направи трансфер, но останал да живее во стариот дом со неговите родители.
Минатиот месец овие два клубови се сретнале во полуфиналето на купот и Хамрокулов постигнал два гола и бил главна ѕвезда на натпреварот. Но славјето не му траело долго.
Кога се вратил дома, пред врата го чекале неколку инкасатори и инспектори од градското собрание. Тие му покажале некакви неплатени сметки во висина од 600 долари и му ја исклучиле струјата и водата и покрај тоа што тој тврдел дека немал никакви долгови.
По пет дена без струја и вода, проблемот конечно му бил решен откако тој му се пожалил на претседателот на Фудбалската федерација, кој воедно му е и син на претседателот на Таџикистан.
Коинциденција или не, по асистенцијата од претседателот, тимот на Хамрокулов во финалето на купот загуби од клубот кој е оформен од синот на претседателот.