Суспендиран англиски фудбалер: Уплатил 6.397 тикети, се кладел и од клупа за резерви

Сигурно никогаш не сте слушнале за Рајан Боумен, 33-годишен англиски фудбалер кој цела своја кариера ја поминал во пониските лиги на англискиот фудбал, а најголем дел од кариерата играл за Шрузбери и Челтнем во трета и четврта дивизија.

Epa images
Epa images
Фото: Epa Images

На залез на кариерата, 33-годишниот центарфор би доиграл без поголема бука, но голем скандал кој го тресе англискиот фудбал го фрли Рајан Боумен на насловни страни.

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го дисквалификувала Рајан Боумен на 3,5 години поради кладење. Се докажало дека Боумен во периодот од 22 јуни 2015 до 13 септември 2023-та уплатил дури 6.397 кладби!

Ова е еден од најголемите обложувачки скандали во историјата на англискиот фудбал.

СЕ КЛАДЕЛ НА НАТПРЕВАРИ НА СВОИТЕ ЕКИПИ ОД КЛУПАТА ЗА РЕЗЕРВИ

Во детална истрага ФА ги истражувала банкарската сметка и записите од телефонските разговори на Боумен, а исто и ангажирала специјалисти за обложување за анализа на прекршоците. Комисијата на ФА соопштила дека фудбалерот не бил веднаш откриен и дека ја признал вината дури кога сфатил дека против него има цврсти докази.

Признанието не ја ублажило казната, зошто случајот вклучувал отежнувачки околности:

  • - Боумен користел туѓи акаунти за да се клади, тоест намерно ги заобиколувал правилата на ФА и го избегнувал ризикот да биде фатен. Тој првично тврдел дека уплатите во обложувалници ги правел негов пријател.
  • - Фудбалерот се кладел на натпревари на своите екипи. Дури 108 пати се кладел на средби на Ексетер Сити каде играл од 2019 до 2021-ва година. Од таму преминал во Шрузбери каде уплатил уште 243 тикети на натпревари на својот клуб. Интересно е што било утврдено дека најмалку осум кладби биле против сопствените клубови, односно дека ќе изгубат.
  • - Шест пати Боумен се кладел на свои голови - а мотивите за ова уште се непознати. Во секој случај со ова ја прекршил професионалната етика на еден спортист.
  • - Неколку пати англискиот фудбалер се кладел дури и на сред натпревари додека бил на клупа за резервни играчи. Истрагата покажала дека во јануари 2023-та година напаѓачот се кладел на мечот МК Донс - Шрузбери (0-1) додека седел на клупата за резерви. Тој го негира тоа.
  • - На 6.397 уплати тој потрошил околу 204.000 фунти! Од тие кладби освоил 182.000 фунти, односно си вратил голем дел од парите. На крај истрагата покажала дека изгубил околу 22.000 фунти.

Казната му стапи на сила во март годинава и ќе му трае до 2028-ма. Во тој момент Боумен ќе има веќе 37 голови и може да заборави на професионална кариера.

ЗА 2 ГОДИНИ ИМА ВЕЌЕ 4 СЕРИОЗНИ СКАНДАЛИ СО КЛАДЕЊЕ ВО АНГЛИЈА

„Мислите дека нема да ве фатат? Помислете уште еднаш“, стои предупредување во борбата против онлајн обложување од професионални фудбалери на сајтот на англиската ФА.

Кладбите во англискиот фудбал се многу чувствителна тема а ФА жестоко реагира на секое нарушување. Само во последните две години освен Боумен, се случија три големи скандали. Еден од нив беше и Ајвен Тони, врвен стрелец и трет најдобар бомбардер во Премиер лига во сезоната 2022/2023.

Нему му нашле 262 уплати преку онлајн обложувалници и доби 8-месечна суспензија во периодот кога го играше фудбалот на животот и доби повик за англиската репрезентација.

Уште поголеми скандали беа оние со Сандро Тонали и Лукас Пакета. Италијанецот во летото 2023-та за астрономска сума премина во Њукасл од Милан кој за него доби 70 милиони евра. Тонали набрзо доби 10-месечна суспензија зошто се испостави дека и по доаѓањето во Англија продолжил да се клади онлајн.

Му пронајдоа 50 уплати и тоа само во период од 12 август до 12 септември 2023-та година. И двата фудбалери по суспензијата се вратија на терен. Тонали игра за Њукасл и за репрезентацијата на Англија, а Ајван Тони стигна до финалето на Европско првенство 2024 со Англија како резервен шпиц на Хари Кејн. Сега веќе некое време е во саудискиот Ал Ахли.

Лукас Пакета уште чека пресуда за своето дело. Неговата ситуација е каде-каде посериозна: станува збор не само за кладења туку и за можни обиди да се влијае на исходи на натпреварите. Од ноември 2022-ра до август 2023-та бразилскиот репрезентативец намерно добил 4 жолти картони. Истрагата покажа дека тој бил врзан со роднини и пријатели со кои имале мрежа за обложување.

Пакета намерно добивал жолти картони а неговите блиски пријатели и роднини се кладеле на такви облози.

15 јули 2025 - 09:16