Сторијата за тоа како Марез играл по снег во Шкотска па избегал од хотел

Најголемиот јунак на полуфиналните дуели во Лига на шампиони, Ријад Марез постигна три гола во двомечот со ПСЖ и го однесе Сити во финале. Неговиот пат до врвот е многу интересен.

Патот на Ријад Марез, човекот кој блесна во Лестер и со Џејми Варди беа творци на надреалната титула во Премиер лига, е добро познат.

Од аматерскиот клуб Кемпер во четврта лига на Франција преку Ле Авр до Лестер па во Сити кај Пеп Гвардиола.

Но малку фалело како млад наместо во Франција, да се развива во Шкотска. На почетокот на 2009-та година менаџерот Жан Евин му договорил проба на 18-годишниот Марез за резервниот тим на шкотски Сент Мирен.

Заедно со Алжирецот во Шкотска допатувал уште еден играч од академијата на клубот Сарселво Франција. Евин на двајцата им платил само патни трошоци.

„Дадов 7 гола на четири меча. Растурив“, се сеќава Марез во интервју за L’Equipe.

Ама Шкотланѓаните ја завлечкале работата. Барале од Ријад да остане на проба и му ветиле дека договор ќе потпишат следната недела. И така му викале два ипол месеци.

Навикнат на француското сонце, Марез се смрзнувал во студената и врнежлива Шкотска.

„Шкотска ме излуде: груб, жесток фудбал на кој не бев навикнат. Башка што бев млад дечко кој никогаш на подолго не бил далеку од семејството. А уште и студ голем, трениравме во снег. Еднаш на тренинг така замрзнав што глумев повреда за побрзо да се вратам во соблекувална“, се сеќава Марез на младоста во Шкотска

После два ипол месеци во Сент Мирен, менаџерот му купил автобуска карта за Глазгов и авионска карта до Париз. Според Ријад тој буквално избегал од таму:

„Еднаш ги оставив копачките на тренинг, го вратив велосипедот кај рецепционерот во хотел и побегнав. Дури не и кажав ни на жената која работеше како администратор. Се симнав по едни скали кои не одат накај рецепција за да не ме види“, додава Алжирецот.

Во летото 2009-та клупчето Кемпер го прибрало Марез кај нив. И покрај тоа што го снашло во Шкотска, тој тврди дека тој престој го исчеличил, го ојачал.

„Станав физички појак, осетив разлика кога се вратив во Франција“.

А скоро видовме и дека научил да игра на снег и мраз. Во вторникот вечер сам го победи ПСЖ со два гола на изненадувачкиот снег во Манчестер.

6 мај 2021 - 13:54