
Актуелниот шампион на Италија ја отвори новата сезона во Серија А со победа од 3:0 против Каљари. Во вториот саботен дуел, идентичен број на голови постигнаа и Наполитанците кои си заминаа од Верона со победа од 1:3.
Во неделата Рома минимално со мајсторијата на Коларов собра три бода во Бергамо против Аталанта, а екипите од Милано славеа убедливо со идентичен резултат како оној на Јуве. Интер дома против Фиорентина, а Милан на гости против Кротоне.
Ваков убедлив почеток за петте големи екипи од Серија А не е забележан дури 32 години. Лани Интер во прво коло загуби 2:0 на гости од Киево, а Наполи ремизираше 2:2 со Пескара. Една сезона предтходно Милан, Јуве и Наполи стартуваа со порази, Рома одигра нерешено, а победи само Интер против Аталанта.
И ако така се враќаме назад ќе забележиме дека барем една од овие екипи имала кикс во прво коло.
Во сезоната 1985/1986 во првото коло одиграно на 8 септември, Рома на гости славела против Аталанта со 2:1, исто како и Наполи против Комо, Интер дома ја победил Пиза со 3:1, а Милан и Јуве победиле по 1:0 против Бари и Авелино.
Она што се поклопува таа сезона со оваа е што следува Мундијал, тогаш во Мексико 1986, а сега во Русија 2018, што и не е битно. Вторава коинциденција е многу појака. Таа сезона и оваа што заврши се идентични во однос на пласманот на големите пет.
Јувентус и во 1986-та и во 2017-та се шампиони, а Рома и Наполи на второ и трето место. Исти се позициите и за екипите од Милано со таа разлика што Интер тогаш бил шести, Милан седми, а изминатава сезона беше обратно.