Пријателска средба

Стара песна на Филип Втори, Бугарија си оди насмеана

Македонија создава шанси за гол, има иницијатива и по којзнае кој пат губи по смешна поставеност и немарност во одбраната. Македонија - Бугарија 0:2 (Рангелов, Тонев).

Во однос на пријателската со Словенија, селекторот Ангеловски вечерва направи две измени во стартниот состав. Јаховиќ место Трајковски во нападот и голманот Столе Димитриевски на место Мартин Богатинов.
 
По блага иницијатива, во 10. минута прва сериозна шанса за Македонија, Агим Ибраими шутираше од 16 метри, а голманот на Бугарите Божидар Митев за малку ќе ја пропуштеше топката низ нозе.
 
Десет минути подоцна повратникот во националниот тим, Пандев во свој стил ги измеша противничките дефанзивци, а во продолжение центаршутот на Стефан Ристовски заврши далеку на втората статива.

Во 25. минута Македонија ја имаше најзрелата шанса. По скратениот корнер на Тричковски и Пандев, фудбалерот на Џенова центрираше одлично а Ванче Шиков со глава шутираше во десниот агол на Митрев кој се испружи и спречи водство на нашата селекција.
 
Во првиот половина час, Бугарите не покажаа ништо од најавите пред мечот дека доаѓаат осоколени по триумфот над Португалија во Леирија минатиот викенд. Натурализираниот Марсело Да Коста им беше истурен во нападот, но не доби корисни топки од соиграчите.
 
Пресингот кој Македонија го играше во текот на цело прво полувреме ќе се исплатеше во 40. минута кога Пандев од косо излезе пред голманот Митев, но шутираше млако. Во следниот напад, Бугарите првпат покажаа заби преку Ивелин Попов, но Димитриевски одважно одбрани. Како почна, првото полувреме така и заврши, без голови.
 
Ако првото полувреме беше дремка за публиката, второто почна многу поживо, со шанси на двете страни. Прво гостите преку Попов имаа можност да поведат, но играчот на Спартак Москва не се снајде најдобро. Веднаш потоа на спротивната страна Тричковски спушти до Стјепановиќ, но одбраната на Бугарија го изблокира неговиот удар.
 

Во 60. минута повторно метеж пред голот на Бугарија, но топката не стигна до голот на Митев кој имаше далеку повеќе работа од Столе Димитриевски.
 
Во 66. минута Бугарија ги казни промашувањата на нашите напаѓачи и буквално со „евтин“ гол ги олади околу 4.000 гледачи на Арената Филип Втори. По една брза контра, Попов го проигра Димитар Рангелов кој излезе сам и лесно го матираше Димитриевски.
 
Решија нашите да тргнат во целосна офанзива и за малку ќе израмнеа во 70. минута но Бодуров му ја тргна топката од пред глава на Пандев по центаршутот на Ристовски.
 
До крајот селекторите менува, пробуваа разни варијанти, Македонија заигра со три шпица (Пандев, Костовски и Несторовски), но корист од тоа имаа само гостите кои повторно истрчаа контра и преку нововлезениот Александар Тонев ја запечатија победата од 0:2.