Стадионите во Италија со помалку публика, а повеќе ултраси

Истражувањето кое го објави реномираниот весник „Република" покажува дека натпреварите во Серија А ги следат за 16% помалку „обични" гледачи отколку пред четири години, а бројот на најстраствените фанови на стадионите бележи раст.

Италијанското фудбалско првенство очигледно дека ја загуби својата популарност, а најдобар показател за тоа се најновите бројки според кои е забележан голем пад на гледаност од страна на навивачите или поточно оние кои не се дел од навивачките групи.

Истражувањето во „Република" кое се однесува во периодот од 2009 до 2013 година покажува пад на гледност од 16% со постепено намалување на присутноста на публиката на стадионите.

Во 2009 година 56% од гледачите на стадионите биле дел од таканаречената „обична" публика. Наредната година процентот изнесувал 52%, во 2011 година 45%, во 2012 43%, а оваа година нивното присуство изнесува 36%, односно од половина, сега само околу една третина од нив се дел од публиката.

Наспротив овие бројки, кај навивачките групи кои вообичаено секогаш се дел од натпреварите на своите омилени клубови има поголемо присуство во однос на минатата година, со скок од 42 на 47%.

Познатиот италијански весник наведува повеќе причини за овие поразителни бројки во италијанскиот фудбал како на пример регуларноста на домашното првенство кое беше проследено со големи скандали во овој милениум кои никако да завршат.

Првиот во 2006 година познат како „Калчополи" во кој беа вмешани клубови и претседатели од Серија А, како и судии и функционери од Италијанската фудбалска федерација и кога Јувентус беше исфрлен во втора лига.

Потоа во 2011 година беше откриена и аферата „Калчоскомесе" во која повторно се открија големи нерегуларности и тоа во повеќе италијански лиги. Звучни фудбалски имиња добивале мито за да ги местат резултатите по барање на обложувачката мафија која заработува милиони од тој бизнис.

Втор проблем се и сомнителните одлуки на судиите. Според резултатите од анкетата, шест од вкупно 10 навивачи не им веруваат на делителите на правдата. Потоа како проблем ја посочуваат и безбедноста на стадионите, како и проблемот со расизмот кој не престанува да се шири со разни извици, а тоа е пречка за родителите кои не сакаат да ги носат своите деца во таква атмосфера.

Како причина за помалиот број на публика се посочува и падот на квалитетот на италијанските клубови и целиот шампионат. Шест од 10 навивачи сметаат дека другите квалитетни првенства во Европа нудат поинтересен фудбал, а половина од анкетираните не веруваат дека италијанските клубови можат да ја освојат Лигата на шампионите во овој период.

Тоа го поврзуваат и со економските проблеми во оваа земја. За разлика од минатото, овие години многу врвни фудбалски имиња ја напуштаат Серија А и прават трансфер во Премиер лигата или во Франција каде се многу повеќе платени, а голем замав зема и Бундес Лигата која минатата година имаше два финалисти во Лигата на шампионите.

Италијанските навивачи со недоверба гледаат и во странските инвеститори кои почнаа да вложуваат и на чизмата, како на пример во Рома или можното купување на Интер од страна на индиски милијардер. Дури 60% од анкетираните се противат на тоа. 

23 септември 2013 - 18:40