Случајно стана тренер на прв тим, па од нигде никаде почна да прави чуда

Среќата треба да се заслужи - фраза која што најдобро го опишува младиот тренер кој покажа колку знае и кој допрва ќе демонстрира тактички вештини. А буквално преку ноќ седна на клупата на Лацио и сега е еден од најтрофејните тренери на овој клуб во историјата.

Во неделата Лацио го победи Јувентус 3:1 во Суперкупот на Италија кој се одигра во Саудиска Арабија. Ова беше четврта победа над големиот шампион од стартот на сезоната 2017/2018. Од само 17 изгубени меча на Јуве, дури 4 се од Симоне Инзаги.

Лацио му стана најнезгоден противник на Јувентус. За две години ги победи „бјанконерите“ онолку пати колку што не ги победил во претходните 14 години!

Цели 16 години римскиот клуб немаше триумф против Старата дама на Олимпико и на почетокот на декември ја урна оваа црна серија.

ТВОРЕЦ НА ЧУДАТА Е СИМОНЕ ИНЗАГИ КОЈ 3,5 ГОДИНИ Е ТРЕНЕР НА ЛАЦИО

Помладиот од браќата Инзаги случајно стана тренер на Лацио.

Во пролетта 2016-та управата го избрка Стефано Пиоли (денес навивачите на Милан плачат што тој е тренер) и до крајот на сезоната првиот тим му го доверија на Симоне Инзаги.

Летото 2016-та претседателот Клаудио Лотито во Рим го викнал Марсело Бјелса кој потпиша договор, но опстана само 2 дена.

„Со него немаше ама баш никаков дијалог. Бараше да му купиме едни играчи, а следниот ден викаше како му требаат други. Не издржав и му кажав сè што мислам. Тој се вжешти: „Со мене никој така не се понел“, па му реков: „Јас не сум никој. Јас сум Клаудио Лотито. На тоа завршивме“, вели претседателот на Лацио за култниот аргентински тренер кој сега го носи Лидс од Чемпионшип во Премиер лига.

А Симоне Инзаги тогаш требал да ја преземе Салернитана, второлигаш од Серија Б, која исто така му припаѓа на Лотито.

Но откако се скарал со Бјелса, претседателот го викнал Инзаги назад во Рим и му понудил договор од 800.000 евра годишно. Симоне Инзаги денес заработува 2 милиони евра годишно, а ќе дознаете и зошто.

Харизматичниот тренер, кој на времето беше просечен напаѓач ако се земе предвид какви центарфори играа за Лацио, го води тимот 3 ипол години и тоа е сериозно долг период за Серија А, лига во која тренерски глави летаат како од шала.

Покрај Инзаги, рекорден меѓу актуелните тренери е Леонардо Семпличи кој е во СПАЛ, замислете, „дури“ од 2014-та.

За време на престојот на Инзаги како тренер во Лацио, Милан на пример веќе смени 5 (пет) тренери, а за секој од нив на промоција викаа дека ќе му треба време.

Лотито му даде време на Инзаги и веруваше во него.

Лацио два пати остана на краток чекор од четвртото место. Во 2017-та година им фалеа само два бода, но тогаш во ЛШ одеа само три екипи. Во 2018-та година се случи драмата кога против Интер во последно коло примија гол буквално во последна секунда и останаа без ЛШ.

Минатата сезона Лацио го освои Купот на Италија, заврши 8. место и ја разби Рома со 3:0.

„Многу нè критикуваа минатата сезона, но јас секогаш бев мирен. Никакви проблеми нема со управата, чувствувам огромна поддршка од нив“.

Ваква спокојна атмосфера им фали на многу клубови во Серија А, кои секоја година креваат револуција.

Лацио направи чекор назад, но сега е два чекори напред - место во Лига на шампиони веќе не е само желба, туку реална цел, а во италијанските медиуми некои се дрзнуваат и да спомнат скудето.

НЕВЕРОЈАТНА СЕРИЈА КАКВА ШТО НИКОЈ НЕ ОЧЕКУВАШЕ

Првава полусезона сега Римјаните ја завршија со 8 победи по ред. Немаат пораз 11 кола и на 11 меча по ред даваат по најмалку два гола. Такво нешто не се случило во целата историја на клубот. 2.38 гола по натпревар е најдобриот резултат со Инзаги на клупата.

Екипата не е силна само во нападот. Пред пар сезони навивачите се спрдаваа во стил: „Ако го пројдат Леива, почнува лотарија. Шансите дека примаме гол се 50/50“.

Но со секоја сезона Лацио прима се помалку. Лани беа осми по примени погодоци, а во моментов се втори.

Минатогодишната сезона Инзаги ја објасни со проблем на подготовките: „Некои важни играчи дојдоа доцна поради Светското првенство, Луис Алберто малку тренираше“.

Во текот на сезоната Симоне ја престрои екипата: најде место во тимот и за новајлијата Хоакин Кореа а Луис Алберто заигра подлабоко во среден ред. Сега Чиро Имобиле е најдобар стрелец во Серија А, а Алберто е најдобар асистент не само во Италија, туку и во Топ5 лигите во Европа.

„Секој тренер има свои идеи, но не треба да заврши на тоа. Моја задача е да се создадат идеални услови за играчите со цел да се реализираат себеси што подобро, а не да ги главам во определена формација“.

Во сезоната 2016/2017 Инзаги пробал дури 11 разни шеми. Лацио играше со тројца, со двајца и со еден напаѓач, со треквартиста и без, со тројца позади па со четворица позади а двајца или тројца во среден ред. После сите експерименти, Симоне се определи - тимот ќе игра 3-5-3 и 3-5-1-1 со измени во зависност од ситуации.

На тимот на Инзаги не му треба посед за да прави шанси (имаат 50.7% посед на топка и се 10-ти во лига според тоа). Шансите за гол ги одработуваат од одбрана и четири играчи ориентирани према напред.

По заминувањето на Масимилијано Алегри, Симоне Инзаги беше еден од приоритетите на Јувентус, но во Торино се решиле за Маурицио Сари а Инзаги решил да остане уште некое време на „Олимпико“.

Јувентус со Сари сезонава изгуби само два пати и два пати од Лацио.

ЧИРО ИМОБИЛЕ И АЛБЕРТО НЕ ИГРАА КАЈ КЛОП, А ВО ЛАЦИО ИГРААТ ФУДБАЛ НА СВОЈОТ ЖИВОТ

Луис Алберто се појави во Лацио во летото 2016-та година, а претходно потпиша 3-годишен договор со Ливерпул. Детето на Барселона има 12 настапи за Ливерпул, беше на позајмици во Малага и Депортиво и се радувал кога Клоп станал тренер на „црвените“.

„Неговото доаѓање многу не мотивира. Јас мечтаам да го импресионирам и да останам во тимот“.

Пред сезоната 2016-2017 Луис Алберто ги помина подготовките со Клоп но Германецот имал поинакви замисли. Лацио го плати Шпанецот 5 милиони евра, три пати помалку од тоа што го даде Ливерпул на Барселона претходно.

Почетокот во Италија му беше тежок. Во првата полусезона само два пати влезе во игра од клупата, шансите да стане првотимец му биле никакви. Пиоли тогаш играл 4-3-3 а на крило немало место за Луис. Шпанецот паднал толку многу во апатија што буквално размислувал на 24 години да ја заврши кариерата.

„Најмрачен период во мојот живот“, вака го опишува Алберто почетокот на сезоната 2017. „Се гледав црно, се беше за никаде“.

Го спасила една средба со спортскиот психолог Хуан Карлос Кампиљо.

„Им помагам на луѓето да излезат од тунелот. Тоа е долг процес, а исходот не е резулат на моите сили, туку на оние со кои работам. На Луис му требаше да го ослободи разумот. Имаше многу проблеми - не можеше да се најде себе во соблекувалната, не му се допаѓаше Италија, не се навикна на тамошниот фудбал. Не се гледаше себе како играч кој може да игра на топ ниво. Моја задача беше не само да му зацртам цел, но и да го убедам дека може да ја достигне“, раскажал мотиваторот Кампиљо.

Кога Симоне Инзаги ја презеде екипата и прејде на нова формација, без класични крила, тоа му помогнало на Луис Алберто.

Сезоната 2017/2018 ја заврши со дури 11 гола и 14 асистенции. По падот од минатата сезона (4+5) поради повреди и смена на позицијата, Шпанецот одново расцути.

Сега има 3 гола и 11 асистенции. Во последните 25 години во Серија А никој немал толку додавања за гол во првите 16 кола.

„Неговите пасови секогаш се точни“, вели Сергеј-Милинковиќ Савиќ кој даде гол против Јуве на страшна асистенција на Луис Алберто. Во Суперкупот ги заменија улогите - Србинот асистираше а Шпанецот реализираше против Јуве.

„Имаме впечаток како Верон одново да игра за Лацио“, велат тифозите.

Луис Алберто игра лево, на позиција „меѕала“ (офанзивно крилце кај Италијанците). Тој е број 1 по бројот на создадени шанси за гол и по дриблинзи, четврт е по број на шутеви а точноста на неговиот пас за две ипол години од 80% стигна до 87%.

Од 28 асистенции во последните три сезони, Луис Алберто дури 8 му послужил на Чиро Имобиле.

И двајцата имаат интересна точка на пресек во кариерата - двајцата не пројдоа кај Јирген Клоп. Чиро се најде кај Јирген во последната сезона на Германецот на клупата на Борусија Дортмунд и во Бундеслига одигра само 9 меча (15 пати влезе од клупата) и даде скромни 3 гола.

После Клоп му било уште потешко. Дојде Томас Тухел кој сега го води ПСЖ.

„Еднаш Тухел ме викна на разговор. Зборуваше упорно на германски, а јас се обидов да му објаснам дека не разбирам ништо. Беше во исто време и смешно и жално“, се сеќава Имобиле.

Од Дортмунд Чиро отиде во Севиља (бледи 2 гола на само 11 меча), се врати во Италија и во Торино и Лацио заработи репрезентативен статус.

На Имобиле фантастично му легна формацијата на Инзаги. На терен практично не учествува во градење на нападот, туку само формално ги завршува.

За Лацио постигна 105 гола од кои 84 во првенството. Во моментов е на 5 место на вечната листа на стрелци на клубот (лидер е Силвио Пиола со 189 гола).

ЛАЦИО ТРОШИ МАЛКУ НА ТРАНСФЕРИ, А КРИВЦИ ЗА ТОА СЕ ЛОТИТО И ТАРЕ

Во 2008 година на Игли Таре му истече договорот како ирач на Лацио, па претседателот Лотито му понудил да стане спортски директор. Албанецот немаше никакво искуство, но се согласил и брзо стекнал диплома во Коверчано. Во 2015 година го прогласија за најдобар спортски директор во Серија А.

„Зборува шест јазици, го разбира фудбалот, не е од римските стаклени ѕвона и не е заразен со болеста на италианскиот фудбал“, така Лотито го објаснил својот избор. Во летото 2018 Лацио потрошил на трансфери 47 милиони евра и тоа бил рекорд во 11-годишна работа на Таре. Севкупно откако тој е во клубот за играчи се дале 333 милиони. Пример Милан потрошил 150 милиони повеќе во последниве 3 сезони.

Четири од рекордните продажби на клубот се во време на директорувањето на Таре: Фелипе Андерсон во Вест Хем (31 милион евра), Балде Кеита во Монако (30 милиони евра), Александар Коларов во Манчестер Сити (23,9 милиони евра) и Антонио Кандрева во Интер (22 милиони евра.

Трите најскапо платени играчи во време на Таре се Мауро Зарате (20,2 милиони евра), Милинковиќ-Савиќ (18 милиони евра) и Хоакин Кореа (15,3 милиони евра). Сите тројца платени помалку од само еден Ромелу Лукаку.

Составот на Лацио од сезона во сезона се менува минимално и Игли Таре вели дека тоа е предноста на екипата:

„Се развиваме, собираме искуство. Заедно со нас растат и нашите амбиции. Победата во Суперкупот е резултат на долгогодишна работа. Се надевам дека ова е само почеток. Би сакал да го посветам овој трофеј на печурките кои растат после дождот“, прозаично констатира Таре.