Сите трофеи на легендата

Сезоната 2013/2014 од Серија А сигурно ќе се памети по повлекувањето на дресот со број „4“. Вчерашните 90 минути беа последните во неговата 19 годишна кариера во Интер, од каде како играч се повлекува со 16 пехари, од кои 13 ги подигна како капитен.

Куп на УЕФА (1998)

Првиот трофеј со Интер го освои во 1998 година кога во финалето од тогашниот Куп на УЕФА, беше и стрелец. На Паркот во Принцовите беше совладан Лацио со 3:0. Капитен на тимот беше Бепе Бергоми, а на сликата Занети го држи пехарот заедно со Тарибо Вест, Диего Симеоне и Иван Заморано.

Куп и Супер Куп на Италија (2005)

По 10 години престој на „Џузепе Меаца“ Занети го освои првиот трофеј како капитен, но поради отсуство, пехарот го подигна неговиот заменик Иван Кордоба. Стрелец на победничкиот гол во финалето беше Хуан Себастијан Верон.

Скудето, Куп и Супер Куп на Италија (2006)

По ремито против Рома, Интер до купот стигна откако на реванш мечот на домашен терен славеше со 3:1, а стрелци на головите беа Камбјасо, Круз и Мартинс. Поради скандалот Калчополи, шампионската титула од Јувентус отиде во рацете на Интер кој потоа на 26 август го освои и Супер Купот откако ја порази Рома со 4:3 по продолженијата.

Скудето (2007)

Следната година Јувентус беше исфрлен во втората лига, а Интер под водство на Манчини беше освојувач на Скудетото со 96 освоени бодови  и на тоа на пет кола до крајот на сезоната.

Скудето (2008)

Третата титула во низа Интер ја освои со поголеми потешкотии, бидејќи во врат им дишеше Рома која освои само 3 бода помалку. Челичниот Занети ги одигра сите 38 кола во првенството.

Скудето и Супер Куп на Италија (2008/2009)

По заминувањето на Манчини, победничката низа во Интер ја продолжи Жозе Мурињо кој уште пред стартот на сезоната стигна до титулата во Супер Купот, а жртва повторно беше Рома која загуби на пенали. Во првата сезона за Мурињо следуваше нова титула за Интер кој беше убедлив со 10 бода пред Милан и Јувентус.

Скудето, Куп на Италија и Лига на шампиони (2010)

Во историската година за Интер, Занети подигна пехари на 5, 16 и 22 мај. Фудбалерите на Рома повторно им беа најголеми конкуренти за титулата кои завршија со 2 бода помалку, а загубија и во финалето од Купот. Шлаг на тортата беше европската круна која ја освоија на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, а во финалето настрада Баерн Минхен со 2:0.

Супер Куп на Италија и Светско клупско првенство 2010/2011

Пред стартот на новата сезона трофејот на Супер Купот Занети го подигна со нов тренер, а замена за Мурињо беше Рафа Бенитез. На 18 декември во Абу Даби Интер го победи Мазембе со 3:0, а тоа беше прва светска клупска титула за капитенот.

Куп на Италија (2011)

Последниот пехар Хавиер Занети го подигна на 29 мај 2011 година кога Интер под водство на Леонардно во финалето од Купот на Италија славеше со 3:1 против Палермо.

19 мај 2014 - 18:16