Сите ќе профитираат од финалето во Минхен

Градот домаќин на финалето од Лигата на шампиони помеѓу Баерн Минхен и Челси ќе се офајди за околу 50 милиони евра, а единствено во зијан ќе отидат навивачите кои немаат влезници и својата среќа ќе си ја пробаат кај тапкарошите.

Градоначалникот на Минхен, градот домаќин на финалето од Лигата на шампиони, соопшти дека за организацијата на финалниот натпревар тие вложиле само 1,4 милиони евра, а очекуваат заработка од 50 милиони колку што профитираше и Мадрид во 2010-та година кога во финалето играа Баерн Минхен и Интер.

Околу 30.000 навивачи на Челси ќе пристигнат од Англија, но само 17.500 од нив имаат влезници. Останатите ќе го проследат финалето на голем видео бим во центарот на градот и во многуте пабови и ресторани кои исто така очекуваат голем профит.

Во Минхен ќе пристигнат и голем број на новинари, спонзори и официјални лица на УЕФА, па сите хотели во градот и околината се веќе полни, а слободни места има само во камповите.

Алијанц арената во Минхен за финалниот натпревар ќе има капацитет од 62.500, но двата финалисти добија само по 17.500 влезници. Околу 7.000 влезници беа продадени на неутрални навивачи по пат на извлекување, а останатите 20.000 УЕФА ги подели на националните асоцијации, спонзори и гости.

Од финалето добро ќе се офајдат и тапкарошите. Во моментов на улиците на Минхен цената на влезниците кај препродавачите достигна до 1.000 евра, а на ebay две влезници се продаваат за 2.800 евра.

18 мај 2012 - 13:55