Наместо препознатливиот хук кој грми секој втор викенд, на Сент Џејмс Парк минатата сабота се ореше тажна песна во чест на Павел Срничек во поразот на Њукасл од Евертон. Се повторуваше скандирањето Pavel is a geordie (назив за жителите на регионот Тајнсајд).
Неколку дена пред Божиќ, на 20-ти декември поранешниот голман на Њукасл и Чешка, неодамна тренер во Спарта Прага, доживеал срцев напад додека трчал во родната Острава. Додека лежел во кома во болницата, најблиското семејство во собата ги пуштало аудио снимките на кои навивачите ја пеат неговата песна, со надеж дека тоа би можело да го разбуди.
Павел никогаш не се разбуди. Почина на 47 години во вторникот, а веста за смртта на еден од најпопуларните играчи во историјата на Њукасл ја растажи англиската јавност.
Потпишан на барање на Џим Смит, Павел Срничек во 1991. година од Баник Острава се пресели во Њукасл. На Сент Џејмс Парк престојуваше во два наврати и запиша 152 настапи. Голот на Чешка го чуваше 49 пати, а се прослави на Евро 1996-та токму во Англија. Дебитираше за Њукасл кај Оси Ардајлс, но во почетокот тешко се прилагодувал поради јазичната бариера.
„Во школо под комунистички режим учевме само руски, така што тешко ми одеше да го разберам јужно-англискиот дијалект. Но сите беа пријателски расположени“, изјавил Срничек на едно од многуте гостувања во Њукасл.
Работите по Срничек тргнале на добро кога Кевин Киген го заменува тренерот Ардајлс и Чехот станува составен дел од првиот тим кој ќе се врати во англиската Премиер лига. Конкуренти на Срничек му беа Мајк Хупер и легендарниот Шака Хислоп.
По убедливиот триумф од 7-1 над Лестер и пласманот во Премиер лигата во сезоната 1992/1993, чешкиот голман го соблече дресот под кој носеше маица „Pavel is geordie“. Истата му ја даде Ли Кларк. Срничек беше важна карика и од легендарниот состав на Њукасл кој во сезоната 1995/1996 беше вицешампион и за малку не ја освои титулата во Премиер.
„Павел беше најголемиот мангуп што некогаш сум го запознал и еден од најпријатните луѓе. Задоволство беше да се игра со него, држеше до себе, беше среќно оженет, не пиеше, не пушеше, тренираше напорно. Никогаш не сум го видел да биде бесен и нервозен. Тој беше многу пријатен дечко. Гордиевци го сакаат и ќе го сакаат“, изјави Роб Ли поранешниот соиграч на Срничек за Њукасл Ивнинг Хроникл.
Во 1998. година, Срничек се врати во Баник Острава. Во кариерата играше уште и за Вест Хем, Портсмут, Бреша, Козенца, Беира Мар и Шефилд Венздеј. Во 2006. година, Глен Редер го врати назад во Њукасл како конкуренција на Шеј Гивен и Стив Харпер.
За шокот во Њукасл да биде поголем, неговата смрт дошла само една недела откако тој бил во овој град каде ја промовирал својата автобиографија која што ја пишувал со помош на неговиот пријател Вил Скот. Насловот на книгата е „Pavel is a geordie“.