Симеоне: „Цела Шпанија навива за Атлетико Мадрид“

Човекот кој не само што покажа дека шпанската Примера не е лига на два клуба, туку и е блиску до освојување на националната и континенталната титула, верува дека неутралните навиваат за Атлетико Мадрид.

Во интервју за шпанските медиуми, популарниот Чоло изјави дека цела Шпанија навива за Атлетико Мадрид во трката за титула на трите тима. Според него, успехот на Атлетико Мадрид во борбата со Барселона и Реал Мадрид ќе ги мотивира навивачите на другите клубови и неутралците да навиваат за неговиот тим.

„Не е лесно да се победи хегемонијата на двата тима и ги заслуживме сите почести. Се обидуваме да му покажеме на општеството дека со напорна работа можеме да бидеме конкурентни. Без разлика кој ќе ја освои титулата, луѓето од Леванте или Осасуна ќе се обидат да го повторат успехот на Атлетико Мадрид. Денес навивачите на сите клубови од Шпанија се надеваат на позитивен исход за нас", изјави Симеоне.

 Аргентинецот својот занает го учел анализирајќи ги Жозе Мурињо и Пеп Гвардиола. Тој внимателно го следел развојот на кариерата на Мурињо и бил инспириран од стилот на Барселона предводена од Гвардиола.

„Учев од двајцата. Во нив видов нешто поинакво. Мурињо е посебен затоа што има успеси во повеќе лиги. Гвардиола има поинаква идеја која е најдоброто што може да му се случи на фудбалот - да ја гледаме Барселона како игра фудбал."

Сепак Симеоне не се согласува со нивните теории дека поседот на топката е приоритет.

„Се расправам со сите кои веруваат дека има само еден начин да се игра фудбал, затоа што не постои само еден начин да се живее животот. Некои веруваат дека 10 додавања се подобри од едно, но јас не се согласувам со тоа", заклучи Симеоне.

7 мај 2014 - 12:10