20 и кусур години, македонската фудбалска репрезентација беше боксерска вреќа. Национален тим на кој противниците билдаа гол разлика и кој со исклучок на некои изненадувачки нерешени резултати против Англија и Холандија, не ни носеа никакви радости.
Се редеа само мизерни квалификациски циклуси со 4/5 место, бледи партии, дебакли, срамови со Андора, скандали, а тоа резултираше со се помала поддршка на Градски. Ни за 100че не доаѓаа луѓе на стадион.
Репрезентацијата која беше за потсмев, сега е култна и присутна во срцата на Македонци од цел свет. Кај се видело порано наши луѓе од Америка да фаќаат прекуокеански летови само за натпревар на Македонија?
Овие момци играат фудбал со муда и не се плашат од никој, а со своите изданија и резултати станаа предмет на анализа во многу спортски студија низ Европа. Марка ги стави на насловна и ги нарече „убијци“ на големите сили.
Подемот на македонската репрезентација е далеку од случаен. Тој се темели на многу работа, сплотеност, хемија, квалитет, лидерство, силна соблекувална, погодени селектори, па и подобри услови.
Од пацери и дрва во минатото, фудбалерите заслужено стекнаа епитети на херои и јунаци. Ако некогаш оваа селекција беше очобол, сега да ти е мерак да ја гледаш. Хронолошки во година и пол, постигнаа успеси кои ни беа само сон.
12 ноември 2020: Шевата на Елмас, Нестор и Пандев вредна историски прв пласман на ЕП.
31 март 2021: Капитулација на четирикратниот светски првак Германија во квалификациите за СП.
13 Јуни 2021: Деби настап на Европско првенство
14 јуни 2021: Триумф над Исланд во последно коло за прв пласман во бараж за Светско првенство
24 март 2022: Шамар на уште еден четирикратен светски првак
28 март 2022: Прво бараж финале за СП