Избраниците на Чедомир Јаневски не ги оправдаа очекувањата на македонските навивачи кои повторно дојдоа во голем број да ги бодрат во обидот да стигнат до втора победа по ред со која ќе го подобреа пласманот на табелата.
Шкотланѓаните имаа две одлични прилики за гол во првите 45 минути но не ги искористија. Најпрвин со глава биеше Бери Банан, а потоа по левата страна се закани капитенот Скот Брауин кој не успеа да го совлада Томе Пачовски.
Нашите фудбалери тешко градеа акции и немаа шутеви кон противничкиот гол. Единствената шанса во првото полувреме која впрочем беше и најзрела стигна на една минута до крајот, откако Тричковски го проигра Адис Јаховиќ кој биеше од прва и ја затресе мрежата од надворешната страна.
Во 60 минута од вториот дел стигна студен туш за нашата селекција откако крилото Икечи Анија кој ни создаваше многу проблеми во првиот дел, беше премнгогу брз по левата страна и од косо биеше силно по земја за водство на Шкотската репрезентација.
Македонија конечно почна да создава шанси и да се заканува пожестоко кон противничкиот гол. Најпрвин преку Тричковски кој биеше право во голманот, а потоа по една контра напад нововлезениот Мирко Ивановски упати силен удар кој успеа да го скроти Гилкс.
Следеше уште еден удар на Тричковски кој заврши покрај голот, а по кратко време по една грешка во нашата одбрана, Шкотлаѓаните можеа да не казнат и со 2:0. Големата иницијатива по примениот гол се исплатеше, затоа што Пандев со многу чувство го проигра Јове Костовски кој само што влезе во 83 минута веќе во следната акција го израмни резултатот.
Радоста на арената „Филип Втори" на која публиката по израмнувачкиот гол бараше целосен пресврт, по кратко време ја расипа Шон Малуни кој од нешто повеќе од 20 метри со мајсторски слободен удар ја донесе победата на Шкотска за минута до крајот.