АНГЛИЈА
Една од најфудбалските земји на светот, репрезентација со вековно реноме иако имаат 1 светско злато во 1966-та и ниту една европска титула (верувале или не, првпат влегоа во финале на Евро во 2021-ва).
Во квалификациите завршија убедливо први во група со Полска, Албанија, Унарија, Андора и Сан Марино.
Селектор им е Гарет Саутгејт кој досега заврши 4-ти на Светско првенство 2018 и втор на Европско 2020, најдобри достигнувања на „Гордиот Албион“ уште од далечната 1966-та година. Вечен фаворит, или барем фаворит во очите на нивната јавност која секогаш ги носи до злато ама никако да ги донесе.
Селекцијата на Гарет Саутгејт е во лош момент по дебаклот во Лига на Нации, а главно прашање кое се поставуваше во изминатиот период е дали да се игра со старата формација со тројца стопери позади, поставеност која го донесе одличниот резултат финале на Европско.
Фаворити се во групата, но нема говор за некаква прошетка зошто сите три противници им се потенцијални мини.
Очигледно се голем фаворит во групата Б и само самите на себе можат да си направат проблем во таква група. Во последно време играа слабо: на последните пет меча кои Англија ги одигра во Лига Нации, не победи ниту еднаш. Два пати изгубија од Унгарија (1:0 и историски пораз 0:4 на домашен терен), два пати одиграа нерешено со Германија (1:1, 3:3) и со пораз и реми со Италија (1:0, 0:0).
Главни ѕвезди во тимот им се Хари Кејн, Фил Фоден, Мејсон Маунт, Рахим Стерлинг и младиот Џуд Белингем кој би можел да биде откровение на првенството. Поради повреди во Катар не отпатуваа Бен Чилвел, Рис Џејмс и Емил Смит Роу.
Репрезентацијата на Англија е најскапа според вредност на играчи на целото Светско - проценети се на 1,4 милијарди евра.
Општо е познат и политичкиот анимозитет меѓу Англија и Иран во оваа група Б, така што медиумскиот притисок веќе започна да „пумпа“, па проценките се дека од нивниот дуел ќе зависат многу нешта во групата.
Состав:
Голмани: Џордан Пикфорд, Арон Ремсдејл, Ник Поуп
Одбрана: Трент А-Арнолд, Конор Коуди, Ерик Дајер, Хари Мегваер, Лук Шоу, Џон Стоунс, Кајл Вокер, Киран Трипие, Бен Вајт.
Среден ред: Џуд Белингем, Конор Галахер, Мејсон Маунт, Џордан Хендерсон, Калвин Филипс, Деклан Рајс, Џејмс Медисон.
Напад: Фил Фоден, Џек Грилиш, Хари Кејн, Маркус Рашфорд, Букајо Сака, Рахим Стерлинг, Калум Вилсон.
ИРАН
Иранците во квалификации стигнаа преку нивната азиска конфедерација и тоа како први во група со Ирак, Бахреин, Хонг Конг и Камбоџа. Во третата рунда квалификации исто завршија први во група со Јужна Кореја, ОАЕ, Ирак, Сирија и Либан. На крајот Иран имаше 8 од 10 победи во квалификации.
Низ историјата имаат пет учества на Светски првенства но никогаш не поминале група.
Селектор им е Карлош Кеирош, човек кој долги години му беше десна рака на сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, едно време и самиот беше главен тренер на Јунајтед, стигна и до Реал Мадрид, па подоцна се реши да води репрезентации.
Интересно Португалецот во втор мандат седи на клупата на Иран. Претходно ги тренираше од 2011 до 2019 (ги однесе на Мундијали 2014 и 2018 но ни во Бразил ни во Русија не поминаа групи). Кеирош во 2010-та ја водеше Португалија на Светско првенство во Јужна Африка така што има огромно искуство, можеби најголемо од сите актуелни селектори.
Иран во последно време играше во формација 4-5-1 во која сите карти се фрлаат на опасниот и брз шпиц Сердар Азмун од Баер Леверкузен кој е главна ѕвезда во тимот. Тука се уште и Мехди Таерми, расниот стрелец од Порто и Алиреза Џанбакаш од Феенорд.
Не играат длабоко без топка и не вршат пресинг. Поседот не им е посилна страна така што играат повеќе на дуел игра со многу прекини, контра-напади и остар фудбал. Не примаат лесно гол, но не ни даваат лесно. Во квалификациите имаа одлична одбрана, а важат за една од највозрасните селекции на турнирот со просечна возраст од 30 години.
„Имаме добри шанси да влеземе во плејоф на Светското. Можевме да поминеме група и минатиот пат но сега сме 100% спремни да влеземе во историја. Сакаме да ја направиме нашата нација среќна“, изјави голманот на Иран Алиреза Беиранванд.
На последните три меча кои беа пријателски, Иранците изгубија 1:2 од Алжир, го победија 1:0 Уругвај и одиграа нерешено 1:1 со Сенегал. На 21 ноември отвораат со Англија, на 25 ноември играат со Велс а на 29 ноември групата ја затвораат со САД.
САД
Американците под водство на селекторот Грег Берхалтер за првпат после многу долго време завршија трети во нивната квалификациска зона, зад Канада и Мексико. Берхалтер во биографијата има дека бил помошен тренер во ЛА Галакси а занает стекнувал и во шведски Хамарби и во Колумбус Кру.
Од 2018-та е селектор на САД со која освои КОНКАКАФ Лига на нации 2019/2020 и Куп КОНКАКАФ 2021.
САД игра во формација 4-3-3 со максимално учество на крилните напаѓачи. Главни ѕвезди во селекцијата им се Кристијан Пулишиќ (Челси), Вестон Мекени (Јувентус) и Џовани Рејна (Б. Дортмунд). Тука е и Серџињо Дест кој е позајмен од Барселона во Милан.
На последните 6 меча од јуни па наваму САД имаше шарени резултати: го победија Мароко 3:0, ремизираа 0:0 со Уругвај, па со 5:0 ја совладаа Гренада, ремизираа 1:1 со Ел Салвадор, изгубија 2:0 од Јапонија и без голови нерешено играа со Саудиска Арабија на крајот од септември.
Од тогаш немаа ниедна генерална проверка пред стартот на Мундијалот со Велс на 21 ноември.
Состав
Голмани:
Итан Хорват (Лутон)
Шон Џонсон (Њујорк Сити)
Мет Тарнер (Арсенал)
Одбрана:
К. Картер-Викерс (Селтик)
Серџињо Дет (Милан)
Арон Лонг (Њујорк Ред Булс)
Шакел Мур (Нешвил)
Вокер Цимерман (Нешвил)
Тим Рим (Фулам)
Ентони Робинсон (Фулам)
Џо Сакали (Борусија Менхенгладбах)
Среден ред:
Брендон Андерсон (Лидс)
Тајлер Адамс (Лидс)
Келин Акоста (Лос Анџелес)
Лука де ла Торе (Селта Виго)
Вестон Мекени (Јувентус)
Јонус Муса (Валенсија)
Кристијан Ролдан (Сиетл Саундерс)
Напад:
Хесус Ферерира (Далас)
Џордан Морис (Сиетл Саундерс)
Кристијан Пулишиќ (Челси)
Џовани Рејна (Борусија Дортмунд)
Џош Сарџент (Норвич)
Тимоти Веа (Лил)
Хајџи Рајт (Анталијаспор)
ВЕЛС
Велшаните имаат чудесен подем во последните неколку години. По сензацијата на Евро 2016 кога стигнаа дури до полуфинале па вториот пласман на уште едно Европско 2020, успеаа да се пласираат и на прво Светско првенство после цели 64 години!
Во квалификациите освоија 2. место во група со Белгија, Чешка, Естонија и Белорусија. Во баражот се провлекоа со победа над Австрија од 2:1 и едвам изборен триумф со Украина со автогол 1:0 (Украинците одигра одличен бараж, во полуфинале ја добија Шкотска на гости, а малку фалеше да го добијат и Велс на гости каде создадоа бројни шанси и изгубија по автогол).
Селектор на Велс е Роб Пејџ кој до 2020-та година му беше помошник на Рајан Гигс кој поради сериозни обвиненија за семејно насилство доби отказ. Пејџ претходно ја водеше младинската селекција.
Во актуелниот состав се потпира на некои ветерани како Герет Бејл, Арон Ремзи, Мур, Ален, Бен Дејвис.
Селекторот Пејџ се потпира на формација 3-4-2-1 и цела надеж ја полага на контранапади во кои одлично се снаоѓа ветеранот Бејл. Од новите поколенија треба да се обрне внимание на Даниел Џејмс, Хари Вилсон, Неко Вилијамс и Итан Ампаду.
На последните пет меча од Лига Нации два изгубија од Холандија (1:2 и 2:3), по еден пораз од Белгија (1:2) и Полка (0:1) а одиграа нерешено само со Белгијците (1:1).
Според календарот прво ги чека САД на 21 ноември, па Иран на 25 ноември и на крај Англија на 29 ноември.
Се запознаваме со група А на Светско 2022: Катар, Еквадор, Сенегал, Холандија
Се запознаваме со Група Ц на Светско првенство: Аргентина, Саудиска Арабија, Мексико и Полска