Се запознаваме со група А на Светско 2022: Катар, Еквадор, Сенегал, Холандија

На само неколку дена пред стартот на долгоочекуваното Светско првенство, ќе се обидеме поблизу да ви ги претставиме сите селекции кои ќе се борат во Катар. Почнуваме, азбучно, со групата А која е прилично интересна.

 

КАТАР

Репрезентација составена претежно од играчи од Ал Сад во Катар (11 фудбалери во состав се од овој клуб). Никогаш не играле на Светско првенство. До неодамна Катарците не можеа да се најдат ниту на фудбалската карта на светот.

Во 2006-та фудбалското раководство на оваа земја разработило стратегија согласно која цел е да се помине група односно пласман во 1/8 финале на Светско 2022.

Од тогаш, од таа 2006-та главен за многу фудбалски прашања е Шпанецот Феликс Санчез кој претходно се школуваше во фудбалската академија на Барселона. На почеток тој во Катар почнал да работи во Академија Еспаир, клуб од кој 5 фудбалери сега се нашле на конечниот список за Светско.

Санчез работел и со младинските селекции а селектор на сениорите е од 2017-та.

Со него Катар во 2019-та првпат во историјата го освои Купот на Азија откако ја совлада Јужна Кореја на Сон на пат до финалето, а таму со 3 гола во мрежата ја совладаа Јапонија.

Интересно, подоцна ги викнаа да настапат и на Златниот Куп КОНКАКАФ во Северна Америка каде стигнаа до полуфинале кога САД им беа непремостлива препрека. Феликс Санчез ги знае своите играчи, со повеќето од нив работи долги години. Предност им е долгата пауза во катарската лига така што од септември се заедно собрани за разлика од гостите кои имаа само неколку дена подготовки.

Последните резултати на Катар уште повеќе им подгреваат оптимизам: 2:2 со Чиле и победа над Хондурас и Албанија. Според кладилниците се апсолутен аутсајдер. Но не треба да се заборави дека играат на свое тло, што во вакви околности треба да биде голема предност, зошто другите репрезентации не се навикнати на тамошната клима, ниту на Светско сред зима. Катар може да биде сериозна нагазна мина.

Главна ѕвезда на тимот е Акрам Афиф (Ал Сад) кој успеал дури и да се проба во Шпанија во Севиља, Виљареал и Спортинг Хихон. Најдобар стрелец на репрезентацијата е Алмоез Али, а душа на екипата е капитенот Хасан Ал Хаидос кој за 31 година веќе собрал дури 160 меча за репрезентацијата и е рекордер. Во составот е и натурализираниот Португалец Педро Мигел кој игра во Катар уште од 2011-та.

ЕКВАДОР

Најголемо достигнување им е 1/8 финале во 2006 година.

За популарната La Tri ова ќе биде четврто Светско првенство. Во 2002 дебитираа на мундијалите и ја изненадија Хрватска во последно коло кога ги победија „коцкестите“ и ги оставија без нокаут фаза.

Во 2006-та Јужноамериканците пројдоа група со Германија, Полска и Костарика, но во 1/8 финале испаднаа од Англија по голот на Бекам од слободен удар.

Во 2014-та Еквадор не помина група, изгуби од Шпанија и Хондурас и освои бод со Франција. Сите три гола на тоа Светско ги постигна Енер Валенсија кој и сега е во составот и спремен да биде капитен во Катар.

Селектор им е Аргентинецот Густаво Алфаро кој никогаш не бил тренер надвор од својата земја но во Еквадор прави одлични резултати. Создал борбена екипа која може секому да направи проблем. Еквадор така во квалификациите ги задржа на нерешено Бразил и Аргентина.

Интересно, на последните шест пријателски меча, Еквадорците дале само 2 гола а не примиле ниту еден. На шест последни пријателски, пет ги одиграле 0:0 (!?)

На гол треба да им брани Алехандро Домингез (35) кој на неколку средби бил и капитен како најстар и најискусен во тимот.

Десниот бек Бајрон Кастиљо го отстранија од репрезентација пред Светско првенство зошто чилеанските новинари спровеле истрага и утврдиле дека Кастиљо бил Колумбиец и немал потребни документи да игра за Еквадор во квалификациите. Имаше гласини дека Еквадорците може да бидат исфрлени, ФИФА покрена дури и истрага но на крајот Еквадор ќе остане заслужено квалификуван и ќе игра Мундијал.

Во тимот голема ѕвезда е Моизес Каиседо, 21-годишен фудбалер од среден ред кој игра во Брајтон во Премиерлига. Нему ќе му помагаат Карлос Грузо од Аугзбург и Алан Франко. Во нападот главен збор ќе има Енер Валенсија кој за Фенербахче постигна 13 гола на 12 меча сезонава и е во топ форма.

На крило би можеле да го гледаме Гонзало Плата од Ваљадолид кој важи за највешт дриблер од оваа селекција.

Фелипе Каиседо не е во репрезентацијата уште од 2017-та кога се скарал со федерацијата поради отказот кој му го врачиле на тогашниот селектор Густаво Кинтерош. Судејќи по последните натпревари, Еквадор може да има проблем со нападот. Одбрана можат да играат секогаш, но ако сакаат да победат ќе мора да ја прекинат серијата без даден гол.

СЕНЕГАЛ

Најголем успех на Светско првенство им е 1/4 финале во 2002 што кажува дека станува збор за многу сериозна селекција.

Репрезентацијата на Сенегал во Катар ќе патува во друштво на шамани кои ќе треба да најдат чаре за повредата на Садио Мане, најдобриот играч не само нивен туку и во Топ10 на целиот Мундијал.

Крилниот напаѓач на Баерн Минхен ја повредил Ахиловата тетива и најверојатно ќе го пропушти Светското иако селекторот на „лавовите“ во соработка со федерацијата, го препуштил Мане на суеверните шамани.

Во 2002 година токму актуелниот селектор Алиу Сисе беше капитен и лидер на таа легендарна репрезентација која блесна на Светското. Сенегалците за првпат во историјата се појавија на Мундијал и направија светска сензација кога ја победија Франција. Во 1/8 финале ја совладаа и Шведска со Ларсон и Ибрахимовиќ, со „златен гол“ во продолженија.

Но во 1/8 финале налетаа на силната Турција и тука им беше лимитот. 

Во 2018-та играа на второ Светско во нивната историја, во Русија. Тогаш изгубија од Колумбија, одиграа нерешено 2:2 со Јапонија и ја совладаа Полска но не пројдоа група дури и со 4 бода.

Алиу Сисе на Сенегал му го донесе првиот златен пехар од вредниот Куп на Африка откако го совладаа Египет на пенали. А после неколку месеци ги однесе и на Светско првенство откако во баражот го победија Египет и тоа пак на пенали...

Во Катар одат практично во најсилен состав, дури и со Мане за кого веруваат дека ќе се опорави. На голот им е одличниот голман на Челси Едуар Менди. Четворката позади е права карпа со Сабали, Кулибали, Диало и Бало Туре.

На средина имаат ѕвезди од Премиер лига како Геје кој од ПСЖ се врати во Евертон, Кујате од Нотингем Форест и Нампалис Менди од Лестер за кого викаат дека игра како некогаш Канте. 

Најдобар шпиц во квалификациите за Светско им беше Фамара Диеду кој игра за турска Аланијаспор, а тука се уште одличните Исмаила Сар од Вотфорд, Крепин Дијата од Монако и Никола Џексон од Виљареал.

Можни први 11: Едуар Менди, Јусуф Сабали, Калиду Кулибали, Абду Диало, Исмаил Џејкобс, Шеику Кујате, Идриса Геје, Исмаила Сар, Папа Матар Сар, Садио Мане, Булаје Диа.

ХОЛАНДИЈА

Земја со голема фудбалска традиција. Во оваа група А се фаворит за прво место, а фактот дека во прво коло играат против главниот ривал Сенегал кој ќе биде без Садио Мане, им оди во прилог.

За „лалињата“ на Светско првенство не треба да се зборува многу. Една од најуспешни селекции со дури три вицешампионски сребра (1974, 1978, 2010) и една бронза (2014).

Со Јохан Кројф изгубија од Германија предводена од Бекенбауер и Милер. После четири години испаднале во Аргентина без Кројф. А во 2010-та во големото финале Робен ја имаше шансата да влезе во вечноста но Касиљас му одбрани чист зицер за подоцна Иниеста да и го нанесе третиот пораз на Холандија во големите финалиња.

Селектор во моментов им е стариот волк Луј Ван Гол кој по трет пат седна на селекторска столица. Неуспех имаше во 2002 кога не ја однесе Холандија на Светско, но во 2014-та блеснаа на Мундијал во Бразил кога стигнаа до трето место и бронза.

После тоа следуваше драстичен пад на „лалињата“ кои овенаа и не се пласираа на Евро 2016 ниту на Светско 2018. На Евро 2020 кога играа со Македонија во група, Холанѓаните испаднаа во 1/8 финале од Чешка.

По тој пораз го вратија Ван Гал назад.

Тој успеа да ги среди колку-толку, ја освоија квалификациската група, се пласираа на Светско а стигнаа и од прво место во група до полуфинале на Лига на нации. Холандскиот селектор призна дека боледува и дека после овој Мундијал планира да оди дефинитивно во пензија.

Што се однесува до составот, има страшни стопери во одбрана во Де Лихт и Ван Дајк кој е капитен, а тука е и снажниот Де Врај и младиот бисер Тимбер. Поради нив место немаше во силна конкуренција ни за одличниот Свен Ботман кој е дел од најдобрата одбрана во Премиер лига, онаа на Њукасл.

Бекови речиси сигурно ќе играат десно Дамфрис од Интер и лево искусниот Блинд.

Интересно е што на гол го планираат 39-годишниот ветеран Ремко Пасвер кој блеска во Ајакс и кој за првпат ќе оди на Светско првенство „на стари години“. Ван Гал ги остави дома јунаците од 2014-та Тим Крул и Силесен.

Во средина голема загуба им е повредениот Џорџињо Вејналдум, но ќе играат Френки Де Јонг и Дејви Класен, како и одличниот и во форма Тен Компејнерс од Аталанта.

Потенцијално откритие на Мундијалот би можел да биде младиот шпиц, баран од цела Европа, Коди Гакпо кој развалува во ПСВ Ајндховен. Покрај него тука е и чудесниот талент за кого трпение немаа Барселона ни ПСЖ, па се најде во ПСВ, Хави Симонс. Никогаш не играл за сениорите, и оди директно во Катар на Светско.

Во составот ги нема Ван де Бек од Јунајтед ни Рајан Гравенберх кој ја грее клупата во Баерн Минхен.

Во квалификациите класата ја потврди Мемфис Депај кој стана најдобар стрелец во целиот циклус не само во својата репрезентација со 12 гола (го делеше првото место со Хари Кејн). Мемфис неколку месеци е сега во пад на форма, не игра во Барселона и повеќе е рапер во приватен живот отколку што се фокусираше на терен.

Но во шпицот се и снажните, искусни и одлични рутинери Ваут Вегорст и Лук де Јонг кои знаат да играат сидрашки во противнички шеснаесетник и да се надаваат голови. Покрај нив како адут е и малиот Ноа Ланг од Клуб Бриж.

Интересно Винсен Јансен (28) се врати во репрезентација по 5 години по одличните партии за лидерот во Белгија, Антверпен. 

Состав

голмани: Јустин Бејло, Ремко Пасвер, Андрис Ноперт
одбрана: Дензел Дамфрис, Дејли Блинд, Вирџил Ван Дајк, Стефан де Врај, Матејс Де Лихт, Натан Аке, Јуриен Тимбер, Тајрел Маласија, Џереми Фримпонг.

среден ред: Дејви Класен, Френки Де Јонг, Стивен Бергејс, Мартен Де Рон, Тен Копмејнерс, Хави Симонс, Кенет Тејлор.

напад: Мемфис Депај, Лук Де Јонг, Коди Гакпо, Ваут Вегорст, Ноа Ланг, Винсент Јансен.

Се запознаваме со Група Б на Светско првенство: Англија, Иран, САД, Велс

Се запознаваме со Група Ц на Светско првенство: Аргентина, Саудиска Арабија, Мексико и Полска

16 ноември 2022 - 13:06