10 години без Џорџ Бест

Сакам само алкохол, стадион и жени

На 25 ноември 2005. на 59 години почина ѕвездата на Манчестер Јунајтед и најталентираниот британски фудбалер на сите времиња. Го заврши фудбалот, остана со жените и алкохолот. И кога пиењето му ја зеде силата, го напуштија и жените. На човекот со светска слава, единствен другар на крајот му остана алкохолот.

Утре ќе се навршат точно 10 години од смртта на Џорџ, еден од најголемите фудбалери во историјата. Посмртните остатоци на Џорџ Бест почиваат на градските гробишта во Белфаст, на семејната гробница каде се погребани уште и татко му Ричард во 2008, година и мајка му Ани почината во 1978. година.
 
Белфаст нема потреба да се сеќава на него со посебни манифестации, затоа што во главниот град на Северна Ирска по него е крстен аеродромот, едно училиште, булевар, како и мурали на неколку места во градот, па и на куќата каде живеел како мал. Таму има и мал музеј каде што се изложени неговите спортски торби, дресови и фотографии.
 
Деновиве кога се обележува деценија од неговото заминување, името на Џорџ Бест се врати на насловните страни. Во една репортажа на Сан се зборува дека највиновен за смртта на големиот генијалец не бил само алкохолот, туку овердоуз од анти-депресиви. Дејли Мејл отиде во Белфаст каде барал нешто што останало од фудбалот на Бест. Мирор најмногу простор ѝ дава на првата сопруга на Џорџ, Енџи која вели дека животот со него бил прав пекол, но дека многу го сакала.
Составена е и збирка од неговите најпознати фрази, како на пример: „Во 1969 година им кажав стоп на жените и алкохолот. Тоа беа најтешките 20 минути во мојот живот". Или „Јас сум грешен човек, рајот не е за мене„ , „Не знам дали е подобро да им забиеш гол на Ливерпул или да спиеш со Мис на Светот. За среќа јас не морав да бирам", па сe до најпознатата „Потрошив многу пари на алкохол, жени и брзи коли. Остатокот го спичкав".

Во оваа галерија на познати реченици има и една (Чувствата создаваат завист... Подобро алкохол.), која што е најдобра рефлексија на неговиот живот. Синот на Џорџ, Калум Бест има 34 години. Се движи меѓу ток-шоуата и јавните настани, но негова права професија била син на Џорџ. Неговата книга „Second Best: My Dad and Me" е горчливо сеќавање.

„Немавме добар однос. Тато беше стар Северно Ирец кој не знаеше како да ги изрази своите емоции. За првпат во животот ме гушна кога беше на смртна постела". Истото го потврдува и поранешната сопруга Енџи: „Кога беше трезен беше најмилиот, најпристојниот човек. Духовит и пријатен. Но кога ќе се напиеше стануваше насилен, агресивен, лажеше и фрлаше се и сешто. Калум (синот на Џорџ) запозна еден татко секогаш пијан“.

Последните години од животот, Џорџ ги поминал во населбата Челси во Лондон. Бил редовен муштерија во еден паб на улицата Кингс Роуд. Локалот веќе не постои, на негово место има луксузен комплекс. Џорџо Бурло е Италијанец кој цел живот е во Лондон и бил еден од италијанските пријатели на Џорџ Бест.

„Се запознавме една вечер во еден клуб на Кингс Роуд, каде доаѓаа многу познати фудбалери, глумци и пеачи. Џорџ, Роберт Де Ниро, Ерик Клептон, Вуди Ален и многу други. Со Бест често се гледавме во кафулето Пикасо или во еден ресторан близу Слоан Сквер. Тој беше многу добар човек, само проблемот беше што сите што го знаеа го викаа или му нудеа пијалак. Јас се обидов да го тргнам на страна од шишето, но немав шанси. Џорџ доаѓаше од работничка класа, беше едноставен човек. Да се најдеш со полни џебови на 17 години не е лесно. Често ми велеше: "Мојата неделна плата изнесува 1.000 фунти, колку што заработуваат вкупно 5 мои другари".

Пораснал во Крегах, населба во Белфаст. Бил навивач на Вулверхемптон, англиско екипиште во '50-те години. Го пронашол скаутот на Манчестер Јунајтед, Боб Бишоп кој му пратил телеграма на легендарниот менаџер Базби: „Мислам дека го најдов генијалецот". Дебитираше на 17 години во Првата лига, а меѓународна слава доби со два гола против Бенфика во 1966. година. Јунајтед го ослободил на 27 години кога алкохолот почнал да го арчи неговиот талент и кариерата ја завршил на 37 години за да заработи некоја пара.

„Единственото место каде што бев свој беше теренот. Кога потпишав со Јунајтед не верував дека е виситина што ќе ми плаќаат за да го правам тоа што го сакам. Медиумите ме распнуваа. Ми бараа мислење за се: за политика, за музика, за храна, за диети".

Го заврши фудбалот, остана со жените и алкохолот. И кога пиењето му ја зеде силата, го напуштија и жените. На човекот со светска слава, единствен другар на крајот му остана алкохолот.

Најдоброто од Џорџ Бест: