Рускиот Тајкун Сергеј Галитски кој се вбројува помеѓу најбогатите 70 луѓе во светот е многу поразличен од неговите сонародници кои купуваат познати европски клуботи, а потоа парите неконтролирано ги трошат на ѕвезди.
Неговиот пристап е сосема поинаков и тој почнува буквално од нула. Од 2008 година до сега има инвестирано 200 милиони евра во рускиот клуб Краснодар, а неговата цел е долго и трпеливо да изгради тим кој ќе биде на исто ниво со екипите како Спартак Москва и Зенит.
Наместо да се натпреварува со Абрамович или Риболовљев кој може да купи поскап играч тој парите ги вложува во талентираната младина, а неговиот приоритет е младинската академија на клубот каде до сега инвестираше 60 милиони евра.
Галитски има изградено ултра модерен комплекс каде децата истовремено се образуваат, имаат на располагање библиотека, сала за шах предвидена за разонода, како и 20 најсовремени терени за фудбал.
Во Краснодар тренираат најголемите таленти на возраст од 6 до 12 години, а изборот е направен од 20 училишта од тој регион. Целта на Галитски е клубот во иднина да се гордее исклучиво со свои деца кои потекнуваат од сопствената академија.
Трпеливиот газда истовремено мисли и на сениорскиот тим кој во 2015 година ќе добие нов стадион со капацитет од 34.000 гледачи и кој ќе чини 250 милиони евра, но не го одврзува ќесето за врвни засилувања.
Во составот има половина странци, а најскапиот играч е дефанзивецот од Шведска кој го купи минатото лето за сума од 5,5 милиони евра. Клубот минатата година заврши на четвртата позиција во руското првенство, а се натпреваруваше и во Лигата на Европа.